Со оглед на фактот дека повеќе денови доцни платата на здравствените работници, Независниот синдикат на државна администрација, денеска на прес-конференција информираше дека е формирана правна комисија, што ќе изготви кривична пријава, против „лицата коишто го довеле Фондот за здравствено осигурување во ваква ситуација“.
– Имено, Република Македонија низ годините вложува во ИТ системот, но вложувањето не е само да вложиш, туку тој систем треба и да се одржува. Со оглед на фактот дека години наназад, најмалку десетина години, тој систем на Фондот крахира на моменти. Иако не до оваа мера како што е денеска. Во таа насока, бараме како синдикат, да почне да има и лична одговорност на лицата коишто се на позиција да организираат и спроведуваат правила и закони. Во таа насока, правниот тим на Синдикатот, ќе поднесе кривична пријава в петок. Мора некој да понесе одговорност – рече претседателот на Синдикатот, Горан Ристески.
Тој нагласи дека нема бенефит, иако во јавноста имало информации дека државата вложила толку многу пари за надградба на софтвер и за негово одржување. Наместо тоа крахира Фондот, а од неговото функционирање зависат и граѓаните осигуреници и здравствените работници – додаде Ристески.
Во името на здравствените работници, се обрати доктор Дијана Јанкуловска, која рече дека се пробиени сите рокови за исплата на плата и надоместоци.
– Многу сме револтирани и бидејќи овие денови додека доцни плата, никој од Фондот не излезе да каже во што е проблемот. Ние сме даватели на услуги и Фондот е тука заради нас. Не сме ние заради него. И обврска и човечка и морална и законска е, да се излезе и да се каже во што е проблемот. Секако, ние имаме разбирање, трпение, ако имало каков било проблем од технички аспект. Меѓутоа, револтот е уште поголем што немаме официјални информации, нагласи таа, потсетувајќи дека во тој сектор има и многу чувствителни податоци на здравствени работници, но и на осигурениците.
Таа додаде дека здравствениот систем во една држава е еден од главните столбови, па кога таму се случува крах, тогаш во прашање е доведена и стабилноста на една држава.
На прес-конференцијата беше изразено уверување оти проблемот ќе се надмине, но јавно беше упатено прашање дали и наредниот месец ќе има проблем и дали во иднина системот со податоци ќе биде заштитен. Од Синдикатот нагласија дека ќе имаат трпение, но ако до крај на неделава не се исполнат ветувањата, ќе се пристапи и кон протести.
Независниот синдикат на државна администрација соопшти и дека испратил писмени барања за средби во Владата, Министерството за здравство и ФЗО, со цел изнаоѓање на решение за проблемот.
Од Синдикатот, меѓу другото, информираа и дека нивни членови барале организирање на штрајк, а самоиницијативно планираат и протест на 24 февруари.