На осум дена до истекот на месецот професорите кои требаше да полагаат менаџерски испит за да можат да напредуваат и да станат директори, состојбата е непроменета.
Министерот за образование, Јетон Шаќири најави дека очекува Државниот испитен центар (ДИЦ) да продолжи со работа до крајот на месецот, откако повеќе од една година не ги организира ваквите испити. Меѓутоа, се’ уште нема конкретни најави. Неизвесно е и кога тоа ќе се случи.
Во меѓувреме ситуацијата со основните и средни училишта во најголем дел од општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ е иста – на поставените в.д директори им е истечен законскиот мандат и ако се доследно се спроведува законот, треба да бидат променети.
Поради тоа што немале можност да го полагаат менаџерскиот испит и да се стекнат со лиценца тие не можат да бидат поставени за директори.
Штипски СДСМ денеска го обвини градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, за како што објавија скандалозно запоседнување на директорските места по училиштата од несоодветен кадар.
-Во недостаток на лица што ги исполнуваат законски предвидените услови, градоначалникот Јорданов во училиштата назначува вршители на должност спротивно на одредбите предвидени со Законот за основно и Законот за средно образование. Уште повеќе, на овие лица одамна им е истечен шестмесечниот мандат за вршител на должност директор што е во спротивност со Законот за основното образование, каде во член 118, вршителот на должноста директор ги врши работите до именување на нов директор, но не подолго од шест месеци од денот на неговото именување, а исто лице едноподруго не може да биде именувано за вршител на должноста директор на основно училиште, реагираа од СДСМ.
На ова реагираше градоначалникот Јорданов кој пак, ја обвини централната власт дека го заробила образованието.
Повеќе од една и пол година Државниот испитен центар го ускратува основното уставно право на секој наш сограѓанин да се стекне со соодветна лиценца, неорганизирајќи полагање. Ова е со цел за да бидат избрани директори кои за време на СДСМ полагале и се стекнале со лиценца,
вели Јорданов
За целата ситуација според него треба да бидат известени амбасадите, за да бидат запознати со тоа што се случува во земјава и дали таа наликува на европска.
На нашето прашање дали тој, или можеби заедно со ЗЕЛС, ќе си земат за обврска да ги известат амбасадите, Јорданов рече дека не верува оти нешто ќе се промени во наредните 10 месеци и смета дека тоа ќе биде залудно, но сепак вели оти ќе прати допис до меѓународните претставништва.
Инаку штипските професори кои ги поминале обуките и им е останато само уште да го полагаат менаџерскиот испит, протестираа на градскиот плоштад во четвртокот. Ја објаснија како што велат голготата низ која поминале, а поддршка им даде и директорот на СОУ „Јане Сандански“ кој единствено го има положено менаџерскиот испит.
Околу дваесет професори пак од вкупно 111, од различни општини, кои го немаат полагано менаџерскиот испит, своите права денеска ги побараа на протест пред МОН.