Заложбите на Србија и Северна Македонија за промовирање на регионална безбедност и развој на демократските општества за стабилен и просперитетен регион, беа теми на разговор на денешната средба во Минхен меѓу премиерот Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ, на маргините на 59. Минхенска безбедносна конференција.
Ковачевски и Вучиќ потенцираа дека евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан е политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ.
На средбата премиерот на Северна Македонија и претседателот на Србија, разменија мислења за билатералните односи меѓу двете држави, како и продолжувањето на соработката на регионален план и на тековните регионални иницијативи.
Двајцата соговорници го поздравија ратификувањето на Договорите кои произлегуваат од Отворен Балкан, со кои конечно станува реалност граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија да можат да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци, соопшти Владата.