Што би направила ако знаеш дека никогаш нема да се венчаш? – ме праша мојот терапевт. Веројатно би се убила – реков и се шокирав од сопствените зборови, но и од нивната вистинитост. Во тој момент ми изгледаше дека мојот живот е безвреден без партнер, иако бев во средните четириесетти и веќе голем дел од животот го поминав сама.
Тие денови почнав повторно да одам кај психотерапевтот, бидејќи мажот со кој бев три години, одеднаш ме остави. По една емотивна дискусија за нашата заедничка иднина, тој престана да одговара на моите повици и пораки. Се надевав дека одиме кон тоа нашата врска да стане посериозна, барем со заедничко живеење.
Додека очајно се обидував да сфатам што се случува и да ја спасам нашата врска, едвај спиев. Со часови истражував на интернет за менталното здравје. Со оглед на тоа дека јадев многу малку, ослабев 14 килограми за 6 недели. Не верував дека тој ме остави така одеднаш, но и не забележував дека самата се движам во тој правец.
Отсекогаш претпоставував дека ќе се омажам. И покрај тоа што сум современа жена, мислев дека бракот ќе ми го олесни животот – таа идеја ја преземав од својата мајка. Таа самата мислеше дека ќе биде добра мајка која ќе седи дома со децата. Се омажила за својата љубов од средношколските денови и многу бргу завршила како разведена жена со две мали деца при крајот на 1970 година. Тогаш разводот не бил вообичаена работа како денес. Бев свесна дека мојата мајка е единствената разведена меѓу моите пријатели. Живееме во мал стан. Иако никогаш немавме недостиг од храна, парите никогаш ги немавме доволно. Анксиозноста го оби моето детство додека мојата мајка се забавуваше со емоционално недостапен човек. Еднаш, „копајќи“ по нејзината чанта најдов лист хартија на кој покрај своето име, таа го имаше допишано презимето на своето момче.
Потоа налутено го зеде листот од мене и рече: „Не мажи се премлада, но и не чекај толку долго – сите добри мажи бргу исчезнуваат“.
Раскинувањето ме натера да се преиспитам. Се фатив во костец со можноста дека никогаш нема да се омажам, или барем не во скоро време. Морав да замислам поинаква иднина за себе. Сфатив дека сонот за брак го користев за да избегам од преземањето одговорност за својот живот. Проблемите ги прикривав врзувајќи се за мажи. Мислев дека врските ќе ми овозможат да ги решам проблемите.
Така почнав да размислувам што е тоа што мене ми треба. Сфатив дека сакам да патувам и првпат отидов во Мексико. Ми беше чудно што бев таму сама, но ми годеше да шетам по плажи, да пијам коктели, да се одморам. Во текот на следните години бев и во Порторико, Португалија, Италија, Шпанија, Турција и САД – скоро секогаш сама.
Одеднаш таквиот живот не ми пречеше. Како што моите пријатели се разведуваа или раскинуваа, сфаќав дека бракот е поеднакво тежок како и живот како самец.
Една моја другарка на шега ми рече: „Треба да му се заблагодариш на поранешниот што си заминал, никогаш не си живеела подобро“.
Иако ова ми беше смешно, сфатив дека има доста вистина во тоа. Да се разбереме, јас не избрав доброволно да бидам сама, но сега и не брзам да влезам во некоја врска, па внимателно ги бирам мажите со кои ќе отидам на состанок.
Членовите на семејството и понатаму си прават шеги со мене, но првата половина од својот живот ја поминав обидувајќи се да се вклопам во еден калап за да можам да привлечам и задржам маж. Мислам дека втората половина од животот ќе ја поминам обидувајќи се да го живеам животот што ми годи.
Ако во меѓувреме ја сретнам љубовта ќе ми биде драг, но ако до тоа не дојде никогаш – понатаму ќе бидам среќна.