Светски познатата хрватска виолончелистка Ана Руцнер на 30 јули за прв пат ќе гостува во Македонија, каде во античкиот локалитет Хераклеја ќе одржи заеднички концерт со битолскиот Камерен оркестар.
Од Националната установа Камерен оркестар на Битола, денеска информираа дека за публиката се подготвува впечатлив настап, со музичко и визуелно доживување, хармонија меѓу традицијата и современото.
-Хрватската виолончелистка со светско реноме, Ана Руцнер, ќе настапи за првпат во Македонија како специјална гостинка на спектакуларниот концерт на Битолски Камерен Оркестар ⋮IWConnect Flowers Symphony. Ана Руцнер е уметница со повеќе од 1000 настапи во над 30 земји ширум светот. Добитничка е на над 30 домашни и меѓународни признанија, позната по својот иновативен и уникатен пристап во изведбата на класичната музика, која ја збогатува со модерни и етно елементи. Нејзината кариера опфаќа соработки со имиња како Хозе Карерас, Питер Суви, но и настапи на светски фестивали. Во Битола, освен Руцнер, со камерниот оркестар ќе настапат Виолета Арсовска, Јаворка Витанова, Марина Коруновска и гостинката од Косово Зана Абази Рамадани, информираа од НУ Камерен оркестар на Битола.
Како што е познато Ана Руцнер е и амбасадорка на хрватската култура и туризам, со многубројни наградени музички видеа и хуманитарни ангажмани.