Околу 3.000 даночни обврзници ја немаат подмирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во Годишната даночна пријава.
Управата за јавни приходи денеска соопшти дека законскиот рок за достава бил до 30 јуни и ги повикува даночните обврзници да платат бидејќи во следниот период ќе почне со опомена и присилна наплата.
– Согласно евиденцијата на УЈП, Ве информираме дека 3.155 даночни обврзници ја немаат подмирено разликата за доплата на данокот на личен доход утврдена во Годишната даночна пријава за данокот на личен доход ( „ДЛД-ГДП”) за 2024 година што требаше да се исполни ВО ЗАКОНСКИОТ РОК до 30.06.2025 година. Во следниот период УЈП ќе премине кон опоменување и присилна наплата на доспеаните неплатени долгови по овој основ што ќе доведе до дополнителни трошоци по основ на камата за задоцнето плаќање од 0,03% дневно и еднократна посебна такса во постапка на присилна наплата, се наведува во соопштението од УЈП.
Плаќањето може да се изврши само со налог ПП53, во спротивно уплатата нема да биде евидентирана во системот на УЈП, појаснуваат од УЈП.
Доколку погрешно е напишан фолио бројот во цел на дознака, уплатата нема да биде уредна и прокнижена во УЈП и ќе повлече дополнителни трошоци, административна такса и време за повторна уплата со точниот фолио број.