Американските регулатори ја одобрија продажбата на холивудското студио Парамаунт на продукциската компанија на милијардерот Дејвид Елисон, Скајденс, за осум милијарди долари, приближно една година откако зделката беше првично објавена.
Федералната комисија за комуникации (ФЦЦ), која мораше да ја одобри зделката поради тоа што Парамаунт го поседува радиодифузерот СИ-Би-ЕС (CBS), го одобри преземањето и покрај претходните политички пречки.
Тие вклучуваа тужба од американскиот претседател Доналд Трамп, кој го обвини Си-Би-Ес за неправедна монтажа на интервју со тогашната потпретседателка Камала Харис. Трамп тврдеше дека сегментот бил монтиран за да се прикрие слаб одговор од Харис.
Си-Би-Ес ги негираше тврдењата, објави целосен транскрипт и постигна спогодба од 16 милиони долари со Трамп, што се сметаше за потег за да се олесни патот за продажбата на Парамааунт.
За време на вториот мандат на Трамп, ФЦЦ, традиционално неутрален регулатор, беше искористен за унапредување на приоритетите на претседателот. Спојувањата во телекомуникацискиот сектор наводно биле одобрени само откако компаниите ги прекинале програмите за различност и инклузија, кои претседателот на ФЦЦ, Брендан Кар, назначен од Трамп, ги сметал за дискриминаторски, пренесе ДПА.
ФЦЦ изјави дека новиот Парамаунт „нема да одржува никакви програми за различност“ и наместо тоа ќе назначи внатрешен омбудсман кој ќе ја следи политичката неутралност во период од две години.
Таткото на Дејвид Елисон, Лери Елисон, сојузник на Трамп и технолошки милијардер, е клучен финансиер зад аквизицијата.