Од 1-ви јануари 2025 Бугарија и Романија станаа членки на Шенген зоната.
Шенген (Schengen) е зона на 29 европски земји кои ја укинале пасошката и граничната контрола меѓу себе, овозможувајќи слободно движење на луѓе, стоки и услуги, како да се една држава.
Со оглед на тоа дека Грција беше веќе членка на Шенген, се создаде ситуација во која сите возила кои патуваат од централна Европа кон Грција, доколку се движат преку Унгарија, Романија и Бугарија да немаат воопшто гранични контроли, додека српските туристи кои се најчести транзит туристи преку територијата на Македонија, наместо два гранични премини – Табановце и Богородица, Стар Дојран или Меџитлија, доколку се одлучат да се движат преку Бугарија да имаат само еден граничен премин меѓу Србија и Бугарија.
Бугарија бележи раст од 30% на сообраќајот на граничниот премин „Кулата“
Еден милион возила поминале низ граничниот премин Промахон-Кулата меѓу Бугарија и Грција од почетокот на годината. Ова беше јасно потврдено од зборовите на претседателот на Синдикатот на полицајци на грчката префектура Серес, Јанис Куниос, цитирани од БТА.
Ова го прави Промахон втор најпрометен граничен премин во Грција по меѓународниот аеродром во Атина „Елефтериос Венизелос“.
Куниос истакна дека минатата година 8,6 милиони луѓе и 2,5 милиони возила поминале преку граничниот премин Кулата – Промахон. Околу половина од оние што влегуваат се упатуваат директно кон Солун, а остатокот – кон крајбрежните региони на Северна Грција.
Куниос истакна дека сообраќајот оваа година е зголемен за околу 30% во споредба со податоците за истиот период минатата година поради укинувањето на пасошката контрола меѓу Бугарија и Грција.

Зголемен бројот на возила кои транзитираат и низ Македонија
Го прашавме Автомото сојузот на Македонија за тоа дали според нив има пад на возилата кои транзитираат преку Македонија по влегувањето на Бугарија во Шенген:
- Делува дека фреквенцијата на сообраќајот е намалена, но АМСМ не води статистика за бројот на возила кои транзитираат преку државата, ние водиме статистика само за тоа колку возила побарале помош на пат низ државата, а таа бројка не е релевантна за фреквенцијата на возила на патиштата, велат од АМСМ.
Бидејќи АМСМ не води статистика за сообраќајот низ државата, се обративме кај Јавното претпријатие за државни патишта, од каде добивме опширна анализа за тоа дали во државата е намалена фреквенцијата на сообраќај.
Табановце
Според нивниот бројач на возила на делницата со Србија, на граничниот премин Табановце, од 1-ви јануари 2025 до 30-ти јуни 2025 просечно дневно (ПГДС – просечен годишен дневен сообраќај) влегувале 11.315 возила, за разлика од истиот период лани, кога влегувале 9.353 возила, што е за 1.962 возила повеќе. Или во проценти, во првата половина од 2025 на Табановце влегле 22,3% повеќе возила од лани.
Во апсолутни бројки, во месец јуни 2025, вкупно поминале 435.014 возила или просечно (ПМДС – просечен месечен дневен сообраќај) 14.500 возила, за разлика од 2024 кога вкупно поминале 397.009 возила или просечно 13.234 возила дневно.
Во јуни зголемен е бројот на возила во однос на лани за 9,5%, односно за +38.005 возила.
Богородица
Слична е и состојбата на јужната граница, на граничниот премин Богородица.
Таму, првите шест месеци од годинава според просечниот годишен дневен сообраќај, влегуваат 7.741 возило, за разлика од лани кога влегувале просечно 7.375 возила.
На оваа патна делница има зголемен сообраќај во 2025 година во однос на 2024 година од 4,9%.
Во јуни, просечниот месечен дневен сообраќај изнесувал 11.873 возила или вкупно 356.197 возила, за разлика од лани кога минувале просчено 10.858 возила, односно вкупно 325.739 возила.
Во јуни зголемен е бројот на возила во однос на лани за 9,3%, односно за +30.458 возила.

Српската дилема: Македонија или Бугарија?
Според српскиот сајт grckainfo.net кој заедно со nikana.rs е најчесто посетуваната страница за интернет совети за патувања во Србија, има предности и маани и во двата избора.

Според нив, ова се предностите и слабостите во изборот на рутите за транзит туристите:
Македонија
Предности:
- Побрза и пократка рута за оние кои одат до Солун, Халкидики, Парга, Лефкада или Крф
- Автопатот Е-75 поминува низ цела Македонија — возењето е лесно и без комплицирани свртувања
- Помалку комплицирана документација: доволно е да имате пасош (или лична карта ако не ја преминувате границата со Грција тој ден)
Недостатоци:
- Чести гужви на граничните премини, особено за време на викендите на Богородица – Евзони
- Автопатот во Македонија е во состојба на флуктуација – се одвиваат работи, има добри и лоши делници
- Задолжително поседување зелена карта
- Македонските патарини се чести, но може да се платат со готовина или платежна картичка
Бугарија
Предности:
- Одлична рута за оние кои одат до Тасос, Аспровалта, Кавала, Александрополис
- Помалку гужви на границата во екот на сезоната, особено ако го избегнете викендот
- Нема стоење на патарините
- Нема граница помеѓу Бугарија и Грција
- Автопатот Софија – Грција (A3/A6) е одличен, а возењето е пријатно (само 20 км возење низ Креснанската клисура, нема автопат)
Недостатоци:
- Ако заборавите да купите вињета, казната е висока
- Помалку бензински пумпи на делот од патот низ Бугарија — испланирајте каде да наполните гориво
- Понизок квалитет на некои делници ако не ги следите препорачаните рути

Анализата на grckainfo.net не ги советува српските туристи да изберат една од двете земји за транзит, туку им препорачува дека не постои универзално правило која држава е подобра за транзит. Тие велат дека ако вашата цел е брзина и лесно возење – поминете низ Македонија, а ако вашата цел е помалку гужва на границата и одите во Источна Грција – обидете се преку Бугарија.
Сепак, заклучокот е дека Србите сеуште попрво ја избираат Македонија за транзит, наместо Бугарија. Многу возачи истакнуваат дека возењето низ Македонија е поедноставно бидејќи речиси целиот пат од Србија до Грција е на автопат.
И покрај сите забелешки, многу туристи остануваат лојални на оваа рута – не само од навика, туку и од емоционална причина, наведувајќи дека претпочитаат да плаќаат патарина на „браќата“ отколку на Бугарија.
Оние кои често ја следат ситуацијата на границите користат апликации и камери за да одлучат во реално време кој премин да го преминат – особено ако Евзони е преполн. Во тој случај, алтернатива може да биде преминот Дојран (Гевгелија-Дојран) или дури и Битола-Ники за патот кон Јонското Море – каде што речиси никогаш нема гужви.
Некои возачи ја издвојуваат локалната „гастрономија покрај патот“, па затоа со задоволство прават паузи во Мрзенци поради познатото јагнешко, а во Куманово или во Скопско поради достапноста на CNG (природен гас) на пумпите на Макпетрол.
Севкупно, рутата низ Македонија сè уште се смета за најдиректна и наједноставна, особено за оние кои патуваат до Касандра, Ситонија или подалеку на југ во Грција. Иако има делови со полош асфалт, многу луѓе ја претпочитаат оваа рута – и поради нејзината едноставност и поради чувството на позната рута низ позната средина, вели Grckainfo.net.
Каровски Мартин