Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во синоќешното гостување на подкастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува – Една година Влада“, презентираше значајни постигнувања и планови во областа на дигитализацијата, со фокус на подобрување на пристапот до јавните услуги и зголемување на ефикасноста.
Од неговото стапување на функцијата, како што истакна, се воведени 120 нови дигитални услуги, што резултирало со зголемен број на месечни корисници – од 1.000 на дури 6.000. Според министерот, овие бројки се доказ за растечкиот интерес и доверба на граѓаните во дигиталниот систем.
„Гужвите на шалтерите, особено во Управата за водење матични книги, се веќе минато. Работиме на тоа сите услуги – од регистрација на новороденче до закажување венчавка – да бидат достапни на порталот uslugi.gov.mk“, изјави Андоновски, најавувајќи дека дигиталната регистрација на новороденчиња ќе биде достапна до крајот на годинава.
Министерот посочи и на значајна измена на Законот за електронски документи, со која електронскиот документ се изедначува со хартиениот – уште едно исполнето ветување, како што нагласи. Дополнително, беа отворени три нови електронски точки на услуги (ЕТУ), а до крајот на годината се планира вкупно да има десет такви центри низ земјата.
„Дигитализацијата треба да биде достапна за сите. Не само граѓаните да се снаоѓаат во системот, туку и системот да се снајде за граѓаните“, нагласи Андоновски.
Меѓу трите клучни иницијативи кои ќе се реализираат во следниот период, министерот ги издвоил:
- Национална мобилна апликација – која ќе вклучува пристап до сите електронски услуги, како и дигитална верзија на лична карта и возачка дозвола. Првата тест верзија е планирана за 1 октомври.
- Терминали за услуги – уреди слични на банкомати преку кои граѓаните ќе можат брзо да пристапат до најважните државни услуги, без потреба од дигитални уреди.
- Закон за пристапност – прв закон кој ќе обврзе институциите да ги направат своите веб-страници и апликации достапни за лица со попреченост, особено оние со оштетен вид.
Андоновски најави и голем Дигитален самит кој ќе се одржи на есен, како најзначаен регионален настан во областа на дигитализацијата.
„Целта ни е дигиталната трансформација да не биде само модерна, туку и корисна, достапна и човечна“, заклучи министерот.
Фото: ВМРО-ДПМНЕ