Изјавата на еврокомесарката Марта Кос, во која македонскиот идентитет се сведува на „манастири, погача, пинџур и полнети пиперки“, го оценуваме како релативизирање и обезвреднување на националниот идентитет на македонскиот народ. Со давањето фолклорна карактеристика на националниот идентитет, претставничката на ЕУ се обиде да го алинеира идентитетот од неговиот историски, национален, политички и државотворен карактер, односно од неговите елементарни идентитетските карактеристики, коишто се предмет на спор и заради кој Бугарија не дозволува Македонија да продолжи со евро-интеграциските процеси, реагираат од Левица.
-Македонскиот народ сè помалку верува во членство на државата во ЕУ. Евроскептицизмот расте, а угледот на Унијата од ден во ден се руши токму поради колонијалниот однос којшто со децении се негува кон Македонија. Додека домашните владејачки елити демонстрираат немање на политички и институционални капацитети да ги достигнат минималните стандарди потребни во секое од поглавјата, граѓаните речиси воопшто не веруваат во реформските планови предложени од ЕУ, кои повеќе од дваесет години се вртат во круг после секоја промена на влада. Промената на власта не покажува промена во надворешно-политичкиот курс којшто го води државата. Обидот на ВМРО-ДПМНЕ да обезбеди гаранција дека внесувањето на Бугарите во уставот како последно барање на Бугарија, значи само прифаќање на т.н. „Француски предлог“ и продолжување онаму каде што СДС и ДУИ застана. Релативизирањето на барањата за идентитетски отстапки од Македонија нема ниту да го забрзаат процесот на интеграција, ниту пак ќе го подобрат функционирањето на државниот систем и животниот стандард на граѓаните, велат од партијта и додаваат:
-Левица најостро го отфрла овој редукционистички и навредлив однос кон македонскиот народ. Нашиот идентитет не е гастрономска карта, туку политичка реалност израсната од историска борба за слобода, рамноправност и социјална правда. Повторно повикуваме Македонија да стави јасно до знаење дека отфрла секаква комуникација со Бугарија по однос на сите прашања што задираст во националниот идентитет, што значи и распуштање на историската комисија. Евро-интеграциските процеси треба да продолжат исклучително преку призмата на внатрешните реформи и Копенхашките критериуми, каде бараме да бидеме третирани еднакво како и останатите земји кои претходно станале дел од европското семејство, се вели во соопштението од Левица.