Во првиот дел од истражувањето пишувавме дека двете регулаторни тела – АЕК и АВМУ, кои според закон имаат дефинирана дејност, се јавуваат како донатори или давале помош од вишоците кои ги остварувале. Аква парк, Панорамско тркало, спортски федерации, универзитети, болници… долг е списокот на проекти и институции градени и поддржани со донации од овие богати независни регулаторни агенции. Но, кој одлучува каде да завршат вишоците и донациите?
За тоа кој ќе добие донации во АЕК, според одговорот од таму, одлучува Комисијата на АЕК, која е своевиден Управен одбор и има пет члена, кои не се редовно вработени во Агенцијата. Иако технички се избираат на оглас, за составот одлучуваат партиите, а претседателот го два владејачката партија.
Агенцијата ја раководи Комисија која ја сочинуваат 5 членови, вклучувајќи го и претседателот кој претседава со состаноците на Комисијата. Собранието на РМ е органот кој ги именува претседателот и другите членови на Комисијата. Со АЕК раководи директор кој е професионално вработен со полно работно време во Агенцијата. Директорот го именува Комисијата на АЕК преку јавен оглас, стои во извештајот на Евротинк „Независно, непрофитно регулаторно тело – повеќе или помалку“
Во претходниот состав со комисијата раководеше адвокатот Стевица Јосифовски, од Правниот комитет на СДСМ, овластено лице за жалбите на партијата до ДИК во 2023 година. Донатор е во годишните извештаи за примени донации на СДСМ (дал 150.000 во 2021 година и 60.000 денари во 2016 година) и бил претседател на Здружението на правници од 2018 – 2023 година.
Сегашен состав на Комисија на АЕК е избран во ноември 2024 година. Орце Симов е претседател на Комисијата на АЕК, а претседател и на Комисијата за информатичко општество, телекомуникации и аудиовизуелни услуги на ВМРО ДПМНЕ. Симов е потпретседател е на Сојуз на стопански комори. Работи како професор е на Меѓународниот славјански универзитет – Свети Николе со плата од 42.500 денари.
Во имотниот лист до ДКСК пријавил дека има компанија „Компјунет инжинеринг“ ДООЕЛ со плата од 30.000 денари. Член е на Советот на Државниот завод за статистика со надоместок од 10.000 денари и член на УО на Центарот за стручно образование и обука со надоместок од 5000 денари.
Пријавил и дека има акции во три македонски банки и во компанијата Алкалоид, како и во неколку странски компании: има акции во НЛБ Љубљана, Крка Словенија, Мерцеденс бенц Германија, БМВ Германија, Порше Германија, Рајсфајзен банк Германија и RWE Ag Германија и ING group Германија. Со тоа, остварува 4 дивиденди од Македонија и 7 странски. Има и приход од земјоделска дејност.
Анкица Трпковска, член на Комисијата на АЕК од 12.11.2024 година, за која БИРН пишува дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски бил адвокат на нејзината фирма АНГО, со кого се соседи и лични пријатели, што актуелниот министер тоа го потврдува со изјава за медиумот. Трпковска во имотниот лист пријавила две плати: Од ТД „Југокомерц“, 441.930 денари и како директор е на „Интер турс“ ДООЕЛ – Скопје со плата од 362.446 денари. Има дивиденда од 1.821.767 и 164.000 денари паушал.
Во Друштвото за трговија и услуги „Анго“ Дооел е сопственик и управител.
Насер Адеми, кој членувал и во претходниот состав ( 29.07.2021 – 03.09.2024) и продолжува од 12.11.2024 година. Вработен е во Општина Чар со пријавена плата од 55.000 денари.
Адмирим Алити, професор на Универзитетот „Мајка Тереза“ со плата од 76.000 денари. Пријавил приход од АЕК во износ од 162.000 денари. Алити е поранешен министер за информатичко општество од редовите на партијата Алтернатива за Албанците.
Петтиот член е Анѓелка Диневска, поранешна претседателка на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ – Битола (2022- 2024), која пријавила плата од Министерството за дигитална трансформација во износ од 31.927 денари и 162.000 денари од АЕК.
Мешањето на партиите
„Мешањето на партиите е видливо, особено при назначувањето членови на одбори и вработувањето на персонал. Јавните претпријатија редовно се користат за вработување членови или поддржувачи на политички партии. Директорот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) во едно интервју објасни дека неговата блиска семејна врска со поранешниот функционер од владејачката партија ДУИ не влијаела врз неговото назначување за директор. Исто така, тој тврдеше дека други вработени кои имаат блиски врски со политичари биле вработени во АЕК поради нивните професионални компетенции. Сепак, во јавноста и медиумите, овие случаи јасно се гледаат како непотизам и злоупотреба на моќ од страна на политичарите за мешање во процедурите за вработување во јавните претпријатија, се забележува во Оцената на Националниот систем за интегритет што ја подготви Транспаренси Интернешнл.
Во една ваква законска поставеност на дефинираната како независно тело управувано од луѓе за кои одлучуваат партиите преку своите претставници во Собранието, се дели помош и донации.
Давањето на донации е регулирано во Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности, при што јавните институции можат да бидат даватели и приматели на донации. Донацијата се дефинира како доброволна и безусловна помош во пари, добра или услуги, а јавните институции можат да донираат, но само за цели од јавен интерес како што се образование, здравство, култура, спорт, заштита на животната средина и социјална заштита.
Долгогодишниот експерт за јавни пари и даноци, Славко Лазовски вели дека токму терминот јавен интерес во Законот за донации и спонзорства не случајно е заменет со јавни дејности.
-Овој вториот термин е полесен за дефинирање и ги следи дејностите каде Буџетот, како веќе постигнат општествен договор, е одлучено да дава пари. Јавен интерес го нема ниту во Уставот, па не знам дали воопшто во некој закон е дефинирано што тоа значи. Во уставот стои; ,,општо добро“ и ,од општа корист“.
Според Лазовски, кој е дел од групата автори, кој направи анализа на Законот, донацијата со буџетски пари и не е донација.
„За да преминат буџетските пари кај друг субјект за негова финансиска поддршка, значи кога нема комерцијален или управен договор, мора да има јавен повик и јавен конкурс. Кај донацијата овие елементи ги нема. Нема законска забрана, ама потпаѓа под обврската – да е предвидена ставка во Буџетот, тоа значи, да ти е планирано во Буџетот. Кај донација е доминантна потребата, а не планирањето, објаснува Лазовски.
Слаба заштита на буџетските пари
Освен тоа, заштитата од злоупотреби е многу слаба, особено е слаба кај буџетските пари, каде Лазовски смета дека треба да е најстрого регулирана патеката на парите. Откако ќе се донесе одлуката во институцијата која донира, Министерството за правда со Решение го потврдува јавниот интерес за предвидената донација или спонзорство, до каде се обраќа давателот на донацијата.
Државната комисија за борба против корупцијата и судир на интереси (ДКСК) спроведе антикорупциска проверка на легислативата која ја регулираат оваа област и наиде на регулаторни ризици.
„Во секој материјален закон треба да се регулира што е јавен интерес со прецизна формулација и јасно разграничување на овој поим без да се остава простор за злоупотреба. Постапката е многу комплицирана и ги одвраќа давателите. Недостаток на транспарентност, договорите да бидат јавно објавени. Кој врши надзор не не определено и нема прекршочни одредби“, утврдува ДКСК. Поради тоа препорачува јасно дефинирање на поимот јавен интерес, да се уреди постапката во фази и надлежности за сите институции, да се препише обврска даватели на донации двапати годишно да поднесуваат извештај до ДКСК, ако не отстапува, да се пропишат прекршочни одредби. Сите овие препораки да влезат во измени на Законот за спонзорства и донаторство.
Прашањето е – како се трошат тешко собраните пари?
Во случајот со регулаторните тела се враќаме на основното –дали како непрофитни регулаторни тела, кои треба да се грижат за унапредување на дејноста поради која постојат, треба да ги насочуваат собраните средства во помош и донации? АВМУ на пример половина од своите приходи ги собира од радиодифузерите – радијата и телевизиите, кои работа во прилично лоши услови и крајно нерегулиран пазар. На пример, петте терестеријални телевизии секоја години уплаќаат по 48.000 евра во касата на Агенцијата.
Снежана Трпевска, една од ретките македонски експерти во медиската легислатива, посочува на Препораката на Советот на Европа 2000(23), клучен документ за регулаторните, каде се вели дека одредбите за финансирање на регулаторното тело треба да бидат конкретно прецизирани во законот, според јасно дефиниран план, што произлегува од проценката на трошоците за спроведување на активностите на регулаторот, а со цел тој целосно и независно да ги извршува своите функции.
-Ова значи дека проценката на средствата што му се потребни на регулаторот мора да е врзана со неговите законски функции и надлежности и не може да биде произволно направена. Регулаторот мора да има доволно средства, но тоа не значи и дека треба да има многу повеќе средства одошто му е потребно за да си ги остварува функциите утврдени со законот. Во секој случај, трошењето голем обем средства за намени што не се поврзани со клучните надлежности на регулаторот би значело ненаменско и недомаќинско трошење на јавните пари. Но, за тоа е потребна многу внимателна и детално спроведена анализа од компетентна институција, смета Трпевска.
На прашањето доколку АВМУ донира, што не е забрането со законот, каде треба да ги насочи донациите, Трпевска одговара дека кога треба да го образложи јавниот интерес заради кој дава некоја донација, регулаторот треба да се држи пред се до надлежностите што му се конкретно наведени во законот, и да се повикува на конкретни одредби во Законот со кои се бара од ова тело да поддржува и да развива одделни дејности. Посочува на одредбата утврдена во членот 26-а која се однесува на потребата од поттикнување на саморегулацијата и корегулацијата од одделни области кои законот не може (и не треба) да ги регулира.
-Таму се вели дека „Агенцијата го поттикнува користењето на корегулацијата и на саморегулацијата преку кодекси на однесување, усвоени на национално ниво, за одредени прашања што ги покрива овој закон.“ Во членот 47-а се наведни начелата врз кои се засноваат содржините што ги емитуваат давателите на аудиовизуелните медиумски услуги, што регулаторот не е надлежен да ги следи, а се уредени со Кодексот на новинарите, односно тоа се етичките и професионалните норми што ги следи само-регулаторното тело. Според мене, од аспект на јавниот интерес утврден на ваков начин во Законот, сосема оправдано би било Агенцијата да дава донации на Советот за етика во медиумите кој е исклучително важен и за објавувањето на содржините во онлајн медиумите што по правило се предмет на саморегулација.
АВМУ има донирано на Советот за етика во медиумите (300.000 денари во 2023 година), но тука се и повеќе донации низ годините за медиуми кои загубиле опрема во пожар, како случајот со сега згаснатата ТВ ВИС од Струмица и по неодамнешниот пожар во просториите на тетовската телевизија Коха. АВМУ во Ковид кризата (2022 година)им „прости“ на медиумите по 25% од годишниот надоместок за дозволи и 50% во 2021 година. Откако Владата обезбеди 50 милиони денари во вид на донации, радиодифузерите беа ослободени од плаќање на надоместок во 2020 година. Донациите одеа преку АВМУ. Агенцијата има дадено и хуманитарни донации, како таа последната за семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, но и за земјотресот во Турција, за поплавените во Стајковци, за настраданите во пожарот во модуларната болница во Тетово и автобуската несреќа во Бугарија. Меѓу донациите и таа од 5 милиони денари за Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за следење на изборите во 2023 година.
Во време на Ковид кризата АВМУ обезбеди донации за МРТВ, и по еден милион денари за МВР и Министерството за здравство. Меѓу одлуките за донации е и таа за Албанскиот театар за деца и млади, за кој АВМУ обезбеди 15 персонални компјутери, 23 монитори и 2 печатачи.
Донациите, се чини остануваат во сивата зона. На ова укажува Анализата на законот за донации и за спонзорства во јавните дејности и на неговата примена на Александар Николов, која нотира отсуство на објективни критериуми за утврдување на јавниот интерес.
„Утврдување на пишани критериуми за потврдување на јавниот интерес во одделни дејности. Надлежните органи, секој во сферата на своите ингеренции, да дефинираат насоки или критериуми за потврдување на јавниот интерес“, препорачува Анализата.
Весна Коловска