На прес конференцијата, каде беа претставени резултатите од проектот Њувејвс пред триесетина новинари во Осијек, Хрватска, беше нагласен фактот од праска – дека радијата, пред се локалните, се првите од кои граѓаните дознаваат што се случува. Така беше трагедијата во Кочани, неодамнешното снемување на струја во Португалија и Шпанија, каде со часови луѓето беа без струја, или големиот шумски пожар во Португалија во 2017 година, каде луѓето ги губеа своите животи.
Меѓутоа, и покрај значајната улога на овие медиуми, многу од малите радија се на раб од егзистенција, недостаток на млад кадар и секако ресурси за работа. Така е во во сите четири држави, кои се дел од проектот Њувејвс – Македонија, Португалија, Словачка и Хрватска, беше кажано на денешната прес конференција.
-Поради тоа идејата на овој проект, а на крај и резултатите, беше да создадеме дигитална платформа со содржини и едукативни материјали наменети за радио професионалците, но во исто време и место каде ќе може да разменуваат материјали. Сите земји кои се дел од проектот ги имаат истите проблеми – нема доволно професионалци и доволно ресурси за работа, рече професорот Хандерсон Инграсио, кој е главен координатор на проектот.

Како дел од напорите да се помогне во унапредувањето на радијата, оваа недела во Осијек се одржува Неделата на мобилност, каде новинари од радијата од Македонија, Португалија, Словачка и Хрватска се на обука за областите како дигитални вештини, маркетинг и менаџмент, претприемаштво, етика и право. Во исто време, на дигиталната платформа се поставени курсеви што се достапни до секој професионалец кој сака да напредува во својата работа.
Дигиталната платформа на Њувевејс е поставена и е слободна за користење, но во перспектива се очекува да биде надградена со нови содржини и области, кои ќе дадат нови можности за учење, соработка и вмрежување на радио професионалци.

Оваа платформа е дел од проектот поддржан од Програмата Креативна Европа на Европската унија и е насочена кон намалување на информативниот јаз, кој се јавува со згаснувањето на многу мали локални медиуми со што се создаваат тнр. информативни пустини.
Канал 77 со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип се дел од поширокиот конзорциум на универзитети и радија на проектот Њувејвс.
В.К.