Граѓаните низ Истанбул се уште се во шок откако земјотрес со јачина од 6,2 степени регистриран на длабочина од 15 километри и силно се почувствувал низ градот, а земјата се тресела сè до Анкара.
Селин Тутер била во канцеларија во зграда лоцирана во европскиот дел на Истанбул кога сè почнало да се тресе.
Најпрво мислела дека несвестицата е причината поради која ја „изгубила“ земјата под нејзините нозе, а потоа слушнала како нешто татнеж. Како што рекла, изгледало како некој да удира одоздола.
„Сите ги фати паника, многумина почнаа да бегаат“, вели Селин.
Таа посочува дека цела Турција се уште се плаши од земјотреси, особено по оној што го погоди југозападниот дел на земјата и Сирија во 2023 година и однесе 55.000 животи.
„Многу луѓе кои живеат во Истанбул знаат дека се очекува „мегаземјотрес“. Луѓето се прашуваат дали ова е подготовка“, вели загрижен жител на Истанбул.
Да потсетиме, откако на 6 февруари 2023 година, Турција ја погодија два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,8 степени, експертите посочија дека е можно слично сценарио да се случи и во Истанбул.
Сеизмологот проф. Д-р Начи Горур пред две години за медиумите изјави дека не е исклучено овој милионски град да биде погоден од разорен земјотрес.
„Некои научни студии покажуваат дека „времето за Истанбул се ближи“. Во една од студиите пишуваше дека Истанбул ќе го погоди силен земјотрес за 30 години, а овде веќе поминаа 23“, рече Горур уште во 2023 година.
Професорот потоа рече дека експертите очекуваат влијание од максимални 7,5 степени според Рихтеровата скала.
Да потсетиме, минатата година низ градот беа објавени предупредувања. Имено, на бројни локации во градот имаше табли кои предупредуваа за цунами, апелирајќи до граѓаните итно да се евакуираат во повисоките делови на градот, што подалеку од Босфорот.
Првите знаци беа поставени во Бујчекмече, кој се наоѓа во европскиот дел на градот и покрај густо населениот брег, одвоен од морето само со плажи и шеталиште. Исто така, предупредувања беа објавени во централниот дел на Истанбул.
Претходно, професорот по динамична тектоника за применета геологија и управување со природни катастрофи и претседател на ОАСП Ефтимиос Лекас, предупреди на голем земјотрес во Истанбул и додаде дека сеизмолозите од целиот свет направиле слични проценки.
„Раседот на Северна Анадолија, кој започнува од Каспиското Море и завршува во Егејското Море во должина од 1.300 километри, има само еден дел кој не е скршен и не предизвика голем земјотрес, а тоа е оној што се наоѓа во морето јужно од Истанбул“, изјави тој за ЕРТ минатата година, во врска со проценките дека се очекува силен земјотрес со јачина до 7 степени според Рихтеровата скала.
Притоа, тој појасни дека не се работи за нов расед туку за голема тектонска структура која е гранка на северноанадолискиот расед. Вториот крак е оној од Никомедија кој минува низ Бурса и се дели на два крака, на 50 километри јужно. Тој рече и дека насоката оди кон Грција.
„Двете раседи имаат една насока Исток, Запад. Затоа и двете раседи имаат проекција во Егејското Море, а не во континенталната област на Грција“.
„Тоа не се само проценки на турските сеизмолози, туку тие одговараат на проценките од целиот свет. Така, во моментов се претпоставува дека очекуваме голем земјотрес во Истанбул“, рече Лекас.