Вака живеевте, вака и заминавте, заедно, напиша Маја Коларова, сопругата на Александар, кој како дел од бендот ДНК, заедно со Филип Стевановски, загина во несреќата во Кочани.
Маја објави нивна заедничка фотографија и напиша:
– Молк е во нашите души, мелодијата на животот отиде во вечноста. Чувајте се двајцата таму горе, чувајте нѐ нас овде. Ангели на земјата, ангели и на небото. Чувајте местенце за нас на концертите горе. Еден ден пак ќе бидеме заедно. Срце полно рани, рани, во душа празни страни, непишани романи… Најстабилниот, најсериозниот, а во исто време најнасмеаниот човек беше ти. А сега јас, како? Кажи ми како без тебе да бидам кога ми требаш, кога ми требаш… Без тебе немам север, немам југ… Ова мое срце знае сѐ, не можам ни ден јас без тебе… Животе кажи ми да знам зошто морам сама, вака јас да живеам… Животе кажи ми да знам зошто морам сама нови врати јас да отворам, животе кажи ми да знам, зошто морам сама вака јас да живеам, напиша таа споделувајќи рефрени од песни на ДНК и додаде:

-Секоја ноќ те чекав да се вратиш од свирка. И секогаш се враќаше. Те чекам и сега… Секогаш ќе те чекам…Чекај ме и ти сега… Си замина со музика. Петокот со ФИС бенд, саботата со ДНК. Секогаш скромен и во сенка, но славно замина. Никогаш нема да ја заборавам нашата фраза ,,Таму кајшто се љубиме, никогаш не е мрак”. Зашто ти си единствената светлина што никогаш нема да згасне. Небото победи, ние загубивме. Единствено таму си достоен за сѐ што овде кротко и скромно правеше. Замина со химната на животот и ја однесе во вечноста. Развлечи ја небесната насмевка и дај ни надеж како да продолжиме без тебе. Ти ни ја остави најубавата мелодија на животот – твојата насмевка. Љубов си, напиша во потреснит пост Маја.