Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов пред да си поднесе оставка, одржал колегиуми и дал препораки до КЈП „Водовод” и до Советот на Општина Кочани
-На колегиумот што утринава се одржа во Општина Кочани, а по трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс”, градоначалникот Љупчо Папазов даде неколку препораки за преземање активности во наредниов период. Од колегиумот е упатена препорака за целосно почитување на прогласената седумдневна жалост, со што се откажуваат сите настани од забавен, културен и спортски карактер. Упатена е препорака до Управниот одбор на КЈП „Водовод” да донесе одлука за проширување на парцелите во Градските гробишта и определување посебно место за починатите во пожарот, како и одлука за бесплатно доделување парцели за починатите и за погребните услуги коишто се во надлежност на КЈП „Водовод”, информираат од Општина Кочани и додаваат:

-Градоначалникот Папазов иницира отворање донаторска сметка во соработка со ОО на Црвен крст Кочани, на која може да се примаат донации за повредените и настраданите. На оваа сметка на Фондот на солидарноста на Црвен крст на РСМ Општина Кочани ќе донира 3 милиони денари од сопствениот буџет. Во врска со препораките произлезени од колегиумот и градоначалникот Папазов наскоро ќе заседава Советот на Општина Кочани. Во соработка со Брегалничката епархија и Црковниот храм „Свети великомаченик Георгиј” црковните обреди за покој на починатите нема да се наплаќаат, информираат од Општона Кочани.
Сметка на Фонд на солидарноста на Црвен крст на РСМ: 300000001327966
Даночен број: 4030984271620
АД Комерцијална банка
Назнака: помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани
