Полицијата во Ротердам оваа недела уапси шест малолетници, откако 11-годишно момче беше пронајдено застрелано и во критична состојба во стан. Малолетниците се осомничени за обид за убиство, соопшти вчера полицијата, а пренесува De Telegraaf.
Според медиумите, апсењата се извршени во текот на изминатите три дена, а осомничени се момчиња на возраст од 12, 13 и 15 години од Ротердам, 14-годишно девојче од Ротердам, 14-годишно момче од Марсберген и 16-годишно момче од Еншеде.
Малолетниците по истрагата станале осомничени, а дел од нив и се предале на полицијата, пишува De Telegraaf. Како што се дознава, полицијата не ја исклучува можноста за дополнителни апсења. Освен тоа, тие се осомничени и за поседување огнено оружје и муниција. „Секој осомничен е испрашуван поединечно за неговата улога во овој инцидент“, соопшти полицијата.
Сите малолетници кои беа уапсени се во притвор и денеска и утре ќе бидат изведени пред истражен судија во Ротердам, кој ќе одлучи дали ќе им го продолжи притворот. Веднаш по инцидентот, полицијата пронашла огнено оружје на тревната површина во близина на станбената зграда, пренесува De Telegraaf.
Истрагата на De Telegraaf откри дека младите во станот во кој се случи пукањето биле дел од група многу млади “drill” рапери кои правеле проблеми во соседството, заплашувајќи и им се заканувале на другите. Нејасно е дали жртвата била вмешана и во “drill” рап.
Рап “drill” е поджанр на хип хопот кој се разви во Чикаго на почетокот на 2010-тите, а подоцна се здоби со светска популарност, особено во Обединетото Кралство. Се карактеризира со агресивен, често мрачен тон, со стихови кои обработуваат теми за насилство, криминал и живот во проблематичните населби.