Доживотен затвор доби Фадил Зејнелов, 33-годишниот убиец на 29-годишната Емилија Пешева од Штип.
Судењето започна на 10-ти февруари, кога се одржа првото рочиште, на кое, сега осудениот убиец, Фадил Зејнелов, го призна убиството, а од обвинителството беше побарана казна доживотен затвор.
Таткото Слободан е задоволен од пресудата:
- Нека гледа цела јавност низ Македонија, за такви монструми доживотна. Моето дете ќе гние и он нека гние таму во затворот, да не излегне. Да не се повторуват вакви дела, сите чуваме, болката е тешка. Да изгубиш ќерка 29 години е многу тешко. Јас сум од пресудата задоволен, презадоволен, ама да не се случуват вакви работи. Чуваме сите деца, многу лошо. Мене ме погоди, ќе живеам со ова. Нека види цела Македонија, имаме и добри обвинители, добри судии, вели таткото Слободан.

Мајката се надева дека пресудата ќе придонесе да се намалат ваквите случаи, но ги повика и институциите да реагираат на време кога се пријавува семејно насилство:
- Задоволна сум од обвинителката, од адвокатите, а највише од судијата. Правилна одлука донесе, така треба. Она што не се враќа, не се враќа, ама и он таму доживотно ќе биде. Не може пресудата да ја излече болката, она нема да се врне, ама работата е такви луѓе повеќе да нема. Имаме сите деца, ако пријаве некој како јас што сум пријавувала, да се презимат одма мерки, да се затварат тие луѓе. А не одиш, пријавеш, пак идеш, пак пријавеш. Од прва кога ќе пријавеш, треба одма да се презимат мерки. Ако има опасност, некакви закани, кога ќе се пријаве да се презимат одма мерки. Да бидеме слободни, да знаеш дека детето ти е сигурно, дека си сигурна кога си одеш од работа. Ако има такви луѓе, да се затварат, вели мајката Џемиле.

Адвокатот на семејството, Мишко Чолаков, рече дека ова е максималната казна која може да биде изречена и дека според закон правдата е задоволена:
- Како што побаравме во завршните зборови, обвинетиот да биде осуден на доживотна казна затвор, така и се случи на денешното рочиште за објава. Ако може да се каже дека правдата е задоволена, обвинетиот е осуден на казната која што ние сметаме дека ја заслужува. Единствено останува болката на фамилијата, тоа никој не може да го надомести. Ова е максималната казна пропишана во Кривичниот законик и истата е изречена денеска. Доживотна казна затвор е максималната казна која што може да се изрече, нема право на условен отпуст пред да поминат 15 години од изрекување на истата и му се ограниени многу права со закон, вели Чолаков.

Убиството се случи на 1-ви ноември 2024, кога според истрагата откако убиецот и сега убиената Емилија, инаку љубовни партнери, се договориле и се сретнале пред нејзиниот дом, заедно отишле близу домот на Емилија, во напуштен објект на Јавното претпријатие „Исар“ за да разговараат. Набргу разговорот преминал во расправија, по што обвинетиот физички ја нападнал жртвата и започнал да ја удира со тупаници. Откако ја совладал на подот, почнал да ја дави со рацете, при што дошло до прекин на дишењето и нарушување на дотокот на крв во мозокот, како резултат на што Емилија починала. Кога се уверил дека не дава знаци на живот, тој го напуштил местото и сам се пријавил во Полициска станица-Штип.
Емилија и претходно го пријавувала Зејнелов за семејно насилство. Последен пат го пријавила два месеци пред убиството, но ја повлекла пријавата.
М. Каровски