Здравствените работници, досега ангажирани со договор на дело во прилепската болница, излегоа на протест пред Болницата барајќи ги своите права и решавање на статусот. На околу 120 члена ангажиран персонал, од една до 7 години, не им се продолжени договорите, но цело време се ангажирани со работни задачи. Денеска биле непријатно изненадени со отказ без отказен рок и без да им се плати јануари.
- Распореди имаше направено за работа. Преку ноќ ни се јавуваат и ни кажуваат дека ни завршила работата и договорите не ни се продолжуваат. Има колеги, доктори, сестри, болничари што се со договор на една, па до седум години. Бараме да ни се исплатат парите што работевме во јануари. Ни дадоа отказ без отказен рок што ни припаѓа до 30 дена. Ги бараме парите од покачувањата што ги добија другите вработени во ноември и декември. Нема да дозволиме некој да си поигрува со нас. Освен тоа, одобрените вработувања за лани, владата на првата седница тогаш ги поништи. Ние ќе останеме на нашите барања, рече Томе Бошкоски, досега ангажиран како болничар во операциона сала.
Пеце Здравески, досега ангажиран во службата за Итна помош вели дека се оставени без здравствено осигурување и без егзистенција.
- Најпрво, да ни се реши статусот. Овде има самохрани родители, родители со деца со посебни потреби. Оставени сме без егзистенција, без здравствено. Што да правиме?. А потоа се чудиме зошто младите здравствени работници ни заминуваат во странство, рече Здравески.
Здравствените работници не се откажуваат од своите права. Прилепската болница има хроничен недостиг од медицински персонал.
МИА