Тројца штипјани – Виктор Ефремов, Методи Трајчев и Никола Колев го искачија највисокиот врв на Балканот, Мусала, на планината Рила, во дводневно искачување.
- На 25-ти јануари, сабота, во 17 часот по локално бугарско време, започнавме едно незаборавно искуство – искачувањето на највисокиот врв на Балканот, врвот Мусала, кој се наоѓа на планината Рила. Заедно со Методи Трајчев и Никола Колев, ја започнавме нашата авантура од 1.315 метри надморска висина од жичарата Јастребец, при што се впуштивме во 3-часовно пешачење, кое нè водеше низ зимските услови и магичната ноќ на Рила. По патот низ мракот, стигнавме до Домот Мусала, на 2.389 метри надморска висина, каде се сместивме за да се подготвиме за следниот ден. Рано наутро, на 26-ти јануари, околу 06 часот, се упативме кон самиот врв на Мусала со цел да го доживееме спектакуларното изгрејсонце од највисоката точка на Балканот. За искачување на врвот, ни беа потребни околу 90 минути. Временските услови беа идеални за зимско искачување, со бистро небо и умерен ветар, што овозможи уникатно искуство и прекрасен поглед на снежната околина. Со искачувањето до врвот Мусала, вкупна висинска разлика изнесуваше од 1.610 метри, што беше физички и психички предизвик, но истовремено и големо задоволство. Ова беше нашето прво искачување за оваа година и голема мотивација за нови планови за искачување на поголеми и покомплексни врвови, вели Виктор Ефремов за Канал 77.
Мусала е највисок врв на Балканот со 2.925 метри надморска височина. На втората позиција е врвот Митикас со 2.918 метри на планината Олимп во Грција, по што следува врвот Вихрен на Пирин со 2.914 метри во Бугарија.
Штипското планинарско трио се планински ентузијасти, кои од почетокот на годинава, веќе зад себе ги имаат врвовите Пелистер со 2.601метри надморска височина на планината Баба, како и врвот Кајмакчалан со 2.521 метри надморска височина.
Фото: Виктор Ефремов
(М.К.)