Пред речиси две недели Блејк Лајвли поднесе жалба против нејзиниот колега Џастин Балдони од филмот „Завршува со нас“ (It ends with us), обвинувајќи го за сексуално вознемирување и организирање кампања за оцрнување за да ја уништи нејзината репутација. Жалбата на актерката, првично поднесена во Калифорнија, сега е официјално поднесена во Њујорк. Во меѓувреме, и нејзиниот колега од филмот „Завршува со нас“ не се двоумел да го направи својот контранапад.
Очекувано, тужба поднесе и Џастин Балдони. Но, не против партнерката Блејк Лајвли, туку против „Њујорк Тајмс“, кои први ја пријавија нејзината жалба.
Во својата тужба, актерот го обвинува медиумот за клевета и измама и дека новинарите соработувале со Лајвли за да му наштетат на неговиот углед. При тоа, нему не му дале можност, ниту на неговиот тим да одговори на обвинувањата.
Тужбата на Џастин Балдони , исто така, тврди дека „Њујорк Тајмс“ користел „одбрани и манипулирани пораки во нивната статија, без потребниот контекст и намерно собрани за да бидат погрешни“.
Медиумот негира дека ова е вистина и инсистира дека првично објавениот материјал бил „внимателно и одговорно напишан“.
Во изјавата за Би-Би-Си, американското издание соопшти дека материјалот е „заснован на преглед на илјадници страници оригинални документи, вклучувајќи текстуални пораки и е-пошта“, кои се цитирани точно и детално во написот. Освен тоа, според претставници на Њујорк Тајмс, објавена е и изјавата на Џастин Балдони и неговиот тим во врска со наводите.
Како што е споменато во неговата тужба, актерот бара судење и отштета од 250 милиони долари.
Неговиот случај вклучува многу од истите пораки кои Блејк Лајвли ги наведе во сопственото обвинение. Цитираната комуникација помеѓу членовите на ПР тимот на Џастин Балдони беше искористена за да се докаже потенцијалната кампања за оцрнување за да се уништи нејзиниот углед. Меѓутоа, сега и самиот актер за истото ја обвинува Лајвли.
Во својата тужба, актерката го обвини својот колега и неговиот тим дека го напаѓаат нејзиниот јавен имиџ откако имале состанок поради неговото несоодветно и срамно однесување на снимањето на нивниот заеднички филм „Завршува со нас“.
На спорниот состанок, се вели дека актерката изнела 30 нејзини барања поврзани со однесувањето на Балдони за да се осигура дека тие ќе можат да продолжат да работат и да го продуцираат филмот.
„Завршува со нас“ беше премиерно прикажан во летото 2024 година, кога за првпат се шпекулираше дека Џастин Балдони и Блејк Лајвли се во лоши односи. Секогаш го промовираа филмот одделно, а поради неговото претставување како романтична комедија, игнорирајќи ја главната тема за семејно насилство, актерката привлече многу негативни коментари во јавниот простор. Ова е и причината зошто многумина првично застанаа на страната на Балдони. Но, се чини, допрва доаѓа до крајот на драмата меѓу двајцата.