Треба ли да се воведе можност за отповикување на градоначалник од функцијата, беше едно од прашањата наметнати денеска во Битола:
„Главната иницијација е отповик на градоначалник со што сметаме дека ќе ја зголемиме транспарентноста и отчетноста во секојдневното работење на локалните самоуправи и втората алатка што сакаме да ја предвидиме во законското решение е воведување на комунален надзор кој ќе биде под ингеренции на локалната самоуправа, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински на денешната консултативна средба во Битола за најавените измени и дополнувања на Законот за локалната самоуправа, организирана од страна на Министерството за локална самоуправа, а поддржана од проектот „Зајакнување на општинските совети“.
На средбата присуствуваа градоначалници од пелагонискиот и југозападниот регион, како и експертска група, ангажирана од страна на УНДП и швајцарската влада.
Овој проект е финансиран од владата на Швајцарија и од Министерството за локална самоуправа, кофинансиран и имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, а во соработка со други домашни институции и ЕЛС.
„Верувам дека само преку вака отворен процес ќе можеме да ги подобриме и зголемиме квалитетите на услугите што се испорачуваат од локалните самоуправи кон граѓаните, а со тоа ќе го подигнеме нивото на секојдневното функционирање на самите локални самоуправи. Овој процес е безрезервно поддржан од УНДП и Швајцарската Влада преку амбасадата на Швајцарија. Убеден сум дека ова системско решение ќе го подобриме и ќе ги подобриме условите во кои што функционираат локалните самоуправи, додаде Перински.
(М.К.)