Индекси во воздухот, свирежи, врева и студентска блокада денеска на зградата на Собранието на автономната покраина Војводина во Нови Сад, кое одлучуваше за буџетот за следната година.
Сите факултети на Универзитетот во Нови Сад беа блокирани со денови во знак на протест по трагедијата, на кој им се приклучија и нивните колеги од бројни факултети во Белград, Ниш и Крагуевац.
Студентите бараат објавување на комплетната документација за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, отфрлање на обвиненијата против приведените студенти и млади на протестите, кривични пријави за напаѓачите, како и зголемување на буџетските средства за повисоки образовните институции.
Солидарност со студентските протести во Србија искажуваат и повеќето српски студенти во Македонија, меѓу кои е и Ања Кафеџиска, студентка на Правниот факултет во Штип.
Таа смета дека српскиот тренд на промени после секои масовни студентски демонстрации во изминатиот век, ќе продолжи и сега.
„Искрено, во Србија постои култ на студентски протести уште од 1930-тите години, така да кога студентите во Србија ќе се побунат, знаеме дека нешто добро ќе излезе од тоа. Секако, студентите се сега побунети на сите три универзитети, Универзитетот во Белград, Универзитетот Нови Сад и Универзитетот во Ниш, со сите нивни факултети, плус одредени факултети од Универзитетот Крагујевац, како и срденошколците од одредени гимназии и стручни школи ширум Србија се на блокадите. Се бараат одговорните за несреќата во Нови Сад, се бара кривична одговорност, вели Кафеџиска.
И додека надлежните тврдат дека се исполнети сите барања, студентите тоа го демантираат и продолжуваат со блокадите и протестите кои по падот на настрешницата се речиси секојдневни низ Србија.
Секој ден во 11:52 часот, во моментот кога падна настрешницата, во повеќе градови низ државата се одржува акција „15 минути молк за 15 жртви“.
Дел од опозицијата во војводинскиот парламент, како и националната опозиција од Белград им се придружија или изразија поддршка на студентите, но студентите нагласуваат дека тие не се дел од борбата меѓу власта и опозицијата, туку се дел од борбата за промени во српското општество.
„Во моментов во отпорот во Србија не постои лидер или лидерка, не постои некој кој е водач. Едноставно, тоа се организирани масовни протести од страна на сите студенти и студентки, па дури ќе речам и средношколци и средношколки. Значи, важно е тоа што не е опозицијата таа, нити било кој професор, нити било кој учесник од цивилниот сектор, значи тоа се студентски организации, тоа се масовни студентски организации и лидер, односно лидерка не постои, додава Кафеџиска.
Студентските протести започнаа во рамките на акцијата „Застани Србијо“, со која се оддаде почит на загинатите во несреќата на Главната железничка станица во Нови Сад на 1-ви ноември. Тие се претворија во целосна блокада на факултетите и ректоратите по физичкиот напад на студентите на Факултетот за драмски уметности во Белград на 22-ри ноември, за што студентите ги обвинија локалните претставници на владејачката партија во Нов Белград.
Студентските организации велат дека нема да се откажат од протестите и блокадите се до исполнување на четирите барања – објавување на целосна документација за реконструкција на железничката станица во Нови Сад, отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведените студенти и млади луѓе за време на протестите за падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, поднесување кривична пријава против напаѓачите на студенти и професори и нивно гонење и зголемување на средствата од српскиот буџет за материјалните трошоци на државните високообразовни институции за 20 отсто.
(М.К.)