Екотуризмот е форма на туризам ориентиран кон природата, наменет да придонесе за зачувување на природната средина, генерално дефиниран како минимално влијателен и вклучува и придонес кон зачувување и едукација за животната средина.
За каква гранка конкретно станува збор, за потенцијални атрактивни локации во Источна Македонија, но и во градот Штип, за намалувањето на домашни туристи и зголемувањето на странските и за тоа во која насока треба да се развива туризмот ММС разговараше со доцент д-р Љупчо Јаневски од Факултетот за туризам при Универзитет Скопје.
Тој вели дека екотуризмот веќе на големо навлегува во Македонија бидејќи 14 проценти од нашата територија е со заштитени подрачја или национални паркови. Јаневски зборуваше и за туристичкиот потенцијал кој го има градот Штип.
„Потенцијалот го имаме на повеќе места. Ако знаеме со кои археолошки локалитети, културно историско богатство кој го има овој дел на Македонија, дополнително спа туризмот кој што исто така може да се развие со Кежовица, ено-гастро концептот преку традиционалната штипска пастрамајлија кој што нема кој не ја пробал и да не ужива во благодетите исто така од штипската кујна, но и од регионот. Дополнително, благите планини кои ги имаме, па дури и можностите на Исарот и околните карпи да се создадат качувања по карпи, музеи кои треба да бидат посетени. Сепак, генерално недостасува промоција на можностите кои што и сега ги нуди градот Штип. Тука треба општината повеќе да работи со Факултетот за туризам при УГД, но и со експерти и можности преку различни грантови и меѓугранични соработки“, изјави доцент Јаневски.
Тој рече дека на Македонија и е потребно дигитализирање и модернизирање што ќе придонесе за туристички бум.
„Ако знаеме дека имаме повеќе од 4.000 локалитети, 43 езера и дека 70 проценти од нашата територија е со благи планини, убава клима, како и различни можности, веќе нема потреба да зборуваме за тоа дали ги имаме потенцијалите за развој за екотуризмот, туку она што е потребно да го направиме за негово фокусирање и применување токму во Македонија“, рече тој.
Целото интервју можете да го погледнете овде: