Годинава за првпат националното одбележување на Светскиот ден на планината се одржа на Пониква на Осоговските планини. Коорганизатор на Федерацијата за планинарство беше планинарскиот спортски клуб Осогово од Кочани.
„Успешно го организиравме одбележувањето на Светскиот ден на планината и докажавме дека и Истокот има потенцијал, како природен, со идиличната Осоговија, така и организаторски. ПСК Осогово е еден од поуспешните клубови на Истокот, а годинава ова ни е трет масовен настан во организација на клубот, после Петровденскиот марш и веќе традиционалниот меморијален марш „Стамен Каровски“, вели Тошо Антов, претседател на ПСК Осогово.
Стотици планинари од целата држава се движеа по кружна патека која започнува од зимскиот центар Пониква кон највисокиот врв Панаѓур со 1669 метри надморска височина и назад до манастирот „Св. Василиј Велики“.
„Голема благодарност до ФПСМ за укажана чест за организирање на интернационалниот ден на планината и беспрекорната организација на ПСК Осогово. Одговорност беше укажаната доверба да ја водам планинарската колона од 1000 планинари со екипата водичи кои се грижеа за безбедноста на планинарите. Планинарењето не е хоби, планинарењето е начин на живот, вели Александар Таушанов, планинарски водич на маршот.
„Постои светски тренд на што помасовно одбележување на Светскиот ден на планината од страна на планинарите и борците за заштита на природните богатства и биодиверзитетот. Логично е Македонија да биде дел од оваа иницијатива, со оглед на тоа дека сме меѓу првите земји во светот по покриеноста на државната територија со планини. Освен од спортски, планинарски, аспект, ние сакаме да ставиме акцент и на заштитата на биодиверзитетот на Осогово, како заштитено подрачје, додава Стојка Иванова Антова, планинарски водич и организатор.
Планинарскиот клуб Осогово е меѓу најуспешните во државата, чии членови ги имаат искачено највисоките врвови во Европа, како Елбрус и Мон Блан, на афричкиот континент – Килиманџаро и Фуџи во Јапонија.
(М.К.)