„Black Friday“ или „црн петок“, кој годинава е на 29-ти ноември би требало да биде време за радост и на трговците и на потрошувачите. И едните и другите се надеваат дека нешто ќе „ќарат“. Веќе сме боимбардирани со реклами дека одреден производ по „неверојатна цена“ може да се купи само на „црн петок“ и дека ова шанса „никако не смее да се пропушти“, бидејќи овој попуст може да биде и до 70 проценти.
Секоја чест на исклучоците, но дали е секогаш така? Дали навистина попустите се такви какви што се рекламираат и дали и „шопингхоличарите“ и трговците ќе трлаат раце? Ако се суди според значењето на „црн петок“ треба да биде така, но не секогаш и не секаде шопинг треската за „црн петок“ ги задоволува потрошувачите. Маркетиншките трикови ги навлекуваат, трговците не го даваат вистинскиот попуст, па луѓето на крај остануваат со многу повеќе потрошни пари од потребното, со производи кои само ги трупаат и кои можеби никогаш нема да им затребаат ама важно ги купиле на „попуст“.
Маријана Лончар Велкова, претседател на Организација на потрошувачи на Македонија ги предупредува потрошувачите да внимаваат на маркетиншките трикови и апелира да не трошат пари за производи кои не им требаат.
-Луѓето треба да следат за да видат дали навистина попустите се вистински. Би требало да има акциска продажба за „црн петок“. Тие попусти кај нас кога ќе ги споредиме со другите држави, да речеме со Америка, не се такви какви што се најавуваат. Затоа треба да гледаат колку е попустот. Дали навистина е 70 проценти или толку колку што е наведено. Треба видно да е истакната старата цена, која ќе биде прешкртана и да ја има новата цена, да бидат истакнати двете цени. А не само да стои 70 проценти попуст, бидејќи се прават малверзации. Старата цена која ќе ја има на етикета треба да е таа која била пред 30 дена, а не старата цена која била во јануари, па до ноември претрпела неколку попусти и за „црн петок“ пак ја ставаат истата. Не, за „црн петок“, кој претставува акциски попуст треба да стои цената од последното намалување, не повеќе од 30 дена. Да појаснам. Цената која се зема како основа на која се прави попустот не треба да биде цена која е подолга од таа што важела пред 30 дена, вели Лончар Велкова.
Многу пати досега, не само кај нас, туку и во странство, по завршивање на „црн петок“ потрошувачите ќе видат дека се измамени и дека етикетите со старата и новата цена, патем залепени една врз друга, воопшто немаат попуст, односно дека се исти. Претседателката на ОПМ вели дека тоа е измама и дека за „црн петок“ цената никако не може да биде иста. Но, и дека етикетите за цена не смеат да бидат една врз друга, туку и старата и новата цена мора да бидат видливи.
Оваа потрошувачка еуфорија трговците најчесто знаат да ја искористат и за да си ги потрошат залихите, но и да напишат дека е распродажба, а зборот „распродажба“ и тоа како се „лепи“ за потрошувачите.
-Има и тука дел од вистината, ги чуваат цела година залихите. Но, трговците сега не може туку така да напишат распродажба. Распродажба значи доколку се сели во друг дуќан или доколку го затвора за најмалку шест месеци. А се знае дека сезонските распродажби се два пати во годината, кога вообичаено се ослободуват од зимската или летната гардероба. Сега станува збор за акција која е на „црн петок“ и не никако не треба да биде распродажба, туку попуст на производи кои на овој ден се поефтини. Не велам дека вакви измами нема и кај нас, тоа се зборуваше и во јавоста. Но, факт е дека трговците имаат малку поголема дисциплина, а и самите купувачи веќе се освестуваат, па не наседуваат на такви рекламни попусти, па наводни ликвидации, а потоа гледате дека продолжува да си работи. Е тогаш пазарниот инспекторат излегува на терен и следуваат глоби, вели Лончар Велкова.
А рекламите се агресивни и, колку и да не сакате, психолошки делуваат на потрошувачите. „Ако сега не го купите нема веќе ваква цена“ во голема мера е маркетиншки трик.
-Влијае рекламата, како не влијае. Сето ова е дојдено од европските држави, па затоа Европа со директиви, со закони ги уредува овие работи, што ние исто така ги пренесуваме во нашиите закони, меѓу кои и во Законот за заштита на потрошувачи, целосно е превземена таа директива каде се утврдени глоби за одредено однесување. Новата директива во законот е иста како и во ЕУ и пазарниот инспекторат ја применува, вели таа и додава:
– Имало казни секако, ние пријавуваме. Глобите варираат и не се мали. Има глоби од 50, 150, 500-1000 евра, од 1000-2000, па и до 10.000 евра за одредени прекршоци за правно или физичко лице. Во Законот за заштита на потрошувачите има цело поглавје за тоа какви треба да бидат практиките и продажните поттикнувања во кои стои дека треба потрошувачите да ги информираат исправно и да се прикажат ценовните погодности. Во случај кога такво продажно поттикнување се однесува на намалување на цената трговецот стоката може да ја означи најмногу со две цени, наведување на новата цена, покрај видно прецртување на претходната цена, објасни претседтелката.
Доколку ваквите манипулации на трговците продолжат, па и покрај агресивниот маркетинг потрошувачите од година во година ќе бидат се поразочарани, а можно е и да се изгуби вистинското значење, па и убавината на „црн петок“.
-Организацијата на потрошувачи е против „црн петок“. Тоа е една голема измислица за да луѓето си ги потрошат парите одеднаш и веднаш за работи кои вообичаено не им ни требаат. Затоа апелираме да внимаваат, особено на онлајн платформите каде не можат потоа да ги вратат производите, да внимаваат за распонот на цената, како што реков за оние 30 дена, да не наседнуваат на вакви трикови. Иако мислам дека луѓето веќе не се баш неуки, излегуваат во странство и знаат за што се работи. Освен тоа луѓето се соочени со големите покачувања на цени на храна и други производи и мислам дека немаат толку многу пари за да се расфрлаат за „црн петок“. Јас лично не верувам дека баш мора да купат на овој ден, туку може ќе отидат од љубопитност и брзо ќе сфатат дека попустот не е на таа цена од пред 30 дена, туку онаа цена од почетокот на годината. Ќе сфатат дека овој попуст се однесува само на мал дел производи кои можеби и не им се потребни. Така да и овој агресивен маркетинг за продажба нема да ги поттикнат да купуваат. Потрошувачите се повеќе се едуцирани. А од таквото раскалашено купување се создава отпад, се трупаат расипливи производи па се фрлаат. Сега со измените Законот за потрошувачи малку ја регулира распродажбата. Затоа пак ќе повторам- тотална распродажба има ако го затвора дуќанот, ако се сели или ако реновира. Акциската не може да трае повеќе од 30 дена, затоа треба да се означи, да биде јасно истакнато до кога ќе трае. Не да напише „црн петок“ и да трае. Во текот на годината има две распродажби, едната е летна и трае од 25 август до 25 септември, и зимска од 25 декември до 25 јануари. Има и производи со грешка кои трговецот може да ги распродава. Но, мора да ги одвои од останатите и да истакне каде е грешката, објасни претседателката и упати апел до потрошувчите:
-Да не трошат пари на производи кои не им требаат и потоa се натрупани со работи само затоа што им подлегнале на акциите за „црн петок“ и на агресивните маркетинг кампањи, апелираше Лончар Велкова.
(В.М.)
ото: ОПМ/ Јутјуб видео