Со објавувањето на одлуката потпишана од Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова во „Службен весник“, од затвор излегоа водачот на криминалната група „Барон“ Акиф Равманоски од Арачиново, познат како Јакуп Аќифи и Шенол Маслани, брат на Шенки „Версаче“. Двајцата се братучеди на водачот на криминалниот клан „Бонаноца“, Фатљум Ајети – Тоте. Со претседателското помилување, на Равманоски и Маслани им се простува и казната затвор им е заменената со условна казна. Двајцата се во групата на тројца на помилувани.
На Равманоски, како што пишува во одлуката, казната затвор од една година и три месеци му се заменува со условна казна од три години. Маслани требаше да остане во затвор уште шест месеци.
Контраверзноста на одлуката на Сиљановска е уште поголема, ако се знае дека помилуваниот Равманоски, иако официјално во затвор, пред неколку дена во скопски Чаир пукал и го ранил во ногата 35-годишниот Е.А. Равманоски беше во затвор за нелегално поседување оружје. Службите го сметаат за високоризично лице.
Шенол Маслани беше дел од групата уапсена во големата рација на полицијата во 2019 година во која беа запленити оружје, панцири и друга опрема, луксузни автомобили, пари и дрога. Маслани е брат на Шенки „Версаче“, според името на кафулето во Чаир, кое го управува. Групата е позната и по членувањето на борци на ИСИС, повратници од боиштата.
На претседателската листата на поминувани се и поранешниот градоначалник на Битола од редовите на ВМРО ДПМНЕ Владимир Талески, осуден за корупција и Марјан Ефремов, првообвинет во случајот „Шпион“. Обвинителството го обвини Ефремов дека шпионирал за странски разузнавачки служби, а се занимавал со уценување, измами и изнуди.
Одлуките за помилување на Претседателот на државата се по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на Претседателот. Сиљановска – Давкова во јули го објави состанот на Комисијата. За претседател е именуван проф. д-р Методија Каневчев, а во Комисијата членуваат проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева-Ивановска и Ајтен Шаќири.