Развојот на технологијата го интензивираше времето кое децата го поминуваат пред екраните, а нивната прекумерна употреба може да остави значителни последици врз здравјето – алармираат експертите. Иако употребата на паметните телефони се наметна како неминовна во модерното време, таа може да нанесе штета врз здравјето на децата. Таквите лоши последици сега се сумирани во поимот „екранизам“.
Што всушност претставува екранизмот, како да го препознаете и кога да побарате стручна помош? На оваа тема ММС разговараше со Весна Цековска Дебрлиева, специјален едукатор и рехабилитатор.
Некои познавачи сугерираат дека екранизмот е нарушување на модерното време. Дали вие се согласувате со ова и како „пластично“ би ја објасниле оваа состојба кај децата?
-Точно, се работи за нарушување кое е комплексно и е последица на модерното време, најчесто ги погодува децата и младите. Последиците кои се јавуваат од прекумерното изложување на екрани можат да бидат во многу облици и форми. Иако се различни, негативните ефекти поврзани со екраните најчесто можат да се групираат во симптоми кои се поврзани со расположението, со сознајните функции и со однесувањето.
Времето поминато пред екраните влијае на физиологијата на нервниот систем и предизвикува ефекти кои се претвораат во симптоми кои станаа вообичаени кај денешните деца и млади. Според Американската психолошка асоцијација интеракцијата со екраните го префрла нервниот систем во режим на борба или бегство што доведува до дисрегулација и неорганизираност на различни биолошки системи и веќе се користи психолошкиот термин Electronic Screen Syndrome (ESS). Истражувањата покажуваат дека од особено значење е не само времето на изложеност пред екран туку и контекстот на изложеноста (The Journal of Child Psychology and Psychiatry).
Најчесто децата кои се изложени на екрани имаат намалена физичка активност, нарушени шеми на спиење, слаби социјални вештини, опаѓање на академските способности, напрегање на очите и главоболки, занемарување на хобија и интереси, проблеми во однесувањето и саморегулацијата.
Од кога почнува да се зборува погласно за екранизмот? Дали ова нарушување постоело пред појавата на новите медиуми?
-Првите почетоци на проблемите со екраните се забележани уште во далечната 1980 година кога се правени истражувања во врска со обезноста кај децата поради предолго изложување на екрани и со тоа крајно намалена физичка активност. Во помодерното време веќе гласно се зборува повеќе од една деценија во САД и во европските земји. Во нашата држава повеќе се зборува за оваа проблематика во последните пет години, но како појава ја следиме повеќе од пет години. Пред појавата на новите медиуми не е забележано вакво нарушување.
Како да го препознаеме екранизмот? Како се манифестира?
-Најчесто се забележуваат симптоми од типот на отсутност, слаба концентрација и внимание, често префлање од една активност на друга. Исто така кај децата од најрана возраст во периодот на равој на говорот се забележуваат проблеми во совладување на мајчиниот јазик наспроти совладување на англискиот јазик. Некои деца имаат тешкотии во односите со врсниците и возрасните, се повлекуваат настрана и не ја развиваат играта на задоволително ниво за возраста. Често пати децата може да имаат променливо расположение со појава на тантруми, проблеми со спиењето и недостиг на самоконтрола. Во некои случаи можат да се јават и знаци на депресија.
Какви последици остава врз психосоматското здравје кај децата?
-Изложеноста на екраните се поврзува со зголемена анксиозност, понизок квалитет на живот, незадоволителна психолошка благосостојба, тешкотии во училишното функционирање и ниски академски постигнувања, ниска самодоверба.
Дали и како екранизмот влијае врз успехот во училиште? Може ли да се рефлектира врз концентрацијата, способноста за учење и слично?
-Секако, времето кое децата го поминуваат пред екраните има крајно негативно влијание врз концентрацијата и вниманието. Екраните имаат стимулирачки ефект врз мозокот на децата, што може да ги направи повозбудливи и помалку способни да се фокусираат на задачи кои бараат постојано внимание. Исто така детето може да има тешкотии да се концентрира на час со што ќе пропушта важни информации и има воопшто тешкотии да го следи темпото на часовите. Се јавуваат тешкотии во однос на изработувањето на домашните задачи кои бараат задржување на подолго внимание и концентрација. Сето ова доведува до лоши оценки и снижени способности за учење и усвојување на нови знаења.
Што да направат родителите во ваков случај и кога е моментот да се побара стручна помош?
-Значајно е родителите да ги охрабруваат своите деца да прават редовни паузи во текот на денот. Децата често имаат многу енергија и може да им биде тешко да останат фокусирани на долги временски периоди. Паузите помагаат да се намали нивниот стрес, да се зголеми креативноста и да се подобри фокусот за да се вратат на своите задачи. Можат да им помогнат да развијат рутини кои вклучуваат физичка активност која е од особено значење на развој на сите невролошки функции.
Родителите можат да ги охрабрат своите деца да се вклучуваат во активности кои ќе го стимулираат нивниот ум, како што се читање, загатки, сложувалки како и задолжителни игри на отворено кои ќе помогнат да се развива концентрацијата, креативноста и вештините за решавање проблеми. Исто така игрите на отворено ги јакнат социјалните вештини кај децата, психомоторните вештини, желбата за дружење со врсници и учење на правилата на игра. Родителите можат да дадат идеја за поставување на цели за да се постигнат конкретни резултати, што исто така може да помогне да останат фокусирани и мотивирани. Многу е важно да се инсистира на здрави навики преку воспоставување на редовни рутини во однос на исхраната и спиењето кои се значајни фактори во однос на способностите за концентрација и внимание.
Родителите можат да ги поттикнуваат своите деца да ја развиваат љубопитноста бидејќи децата кои се љубопитни имаат тенденција да бидат повеќе мотивирани и фокусирани кон она што ја буди нивната љубопитност и истото да го научат. Доколку кај детето перзистираат тешкотиите и покрај преземените активности и промени во однос на изложеноста пред екраните неопходно е да се побара стручна помош. Најчесто кога симптомите се сериозни, се препорачува комплетно укинување на било каков вид на екрани во траење од околу 4 недели со што се дава можност на нервниот систем да се освежи со што би забележале позитивни промени. Доколку не дојде до овие позитивни промени се препорачува да се побара стручна помош и да се утврди дали станува збор за екранизам или можеби некоја друга состојба.
На кој начин родителите би можеле да го превенираат екранизмот и дали постои конкретна возрасна граница која е клучна за да спречиме навика кај детето за поминување на голем дел од времето пред екран?
-Родителите треба да бидат пример за своите деца. Многу е важно да им се помогне на децата да ја разберат важноста на балансирањето на екраните и другите активности уште од најрана детска возраст. Наместо само едноставно да се ограничи времето кое децата го поминуваат пред екраните, родителите можат да разговараат со своите деца за различни активности низ кои најдобро и најквалитетно ќе го поминат времето. Добар начин е да им се даде на децата избор и да се поттикнат да најдат рамнотежа кој ќе им одговара.
Децата до тригодишна возраст не би требало воопшто да бидат изложени на екрани. Од тригодишна возраст до предучилишниот период пожелно е најмногу да поминуваат пред екран 30 минути под надзор на родител или друго возрасно лице со цел да се контролираат содржините кои детето ги следи. Во училишниот период дозволено е децата да поминуваат пред екран најмногу до еден час.
Вања Мицевска
Фото: Приватна архива