Австрискиот режисер Улрих Зајдл годинава доаѓа на МФФ Киненова.
Роден е во Виена, Австрија во 1952 година. Студирал филм на Филмската академија во Виена. Неговиот краток документарен филм Топката (1982) за малку ќе довел до негово исфрлање од филмското училиште, како поради „морално и етички сомнителната“ содржина на филмот (се сметало дека во него ги исмева своите субјекти) така и поради неговата форма: Зајдл беше обвинет за презентирање на неизмонтиран филм.
Пред да режира наративни играни филмови, Зајдл ги режираше наградуваните документарни филмови: Добра вест (1990), Љубовта на животните (1995) и Модели (1998). Исус, знаеш (2003) беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Карлови Вари, каде ја освои наградата за најдобар документарен филм, додека Во подрумот (2014) и Сафари (2016) беа прикажани вон конкуренција во Венеција. Неговото долгометражно деби Кучешки денови (2001) ја освои Големата специјална награда на жирито на Венецискиот филмски фестивал. Увоз-извоз (2007) беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Кан.
Следеше неговата меѓународно признаена, наградувана трилогија Рај, со рај: Љубов (2012), Рај: Вера (2012) и Рај: Надеж (2013) премиерно соодветно прикажани во конкуренција во Кан, Венеција и Берлин. Неговото најново остварување Диви игри (2023) е комбинирана и проширена верзија на неговиот диптих составен од филмовите Римини (во конкуренција на Берлинале 2022) и Спарта.
Лошите настани најчесто подолго остануваат во умот на луѓето отколку оние доблесните и позитивните. Случајот Фрицл фрли голема сенка врз модерна Австрија. Колку беше тој иницијална каписла за да го снимите делото IM KELLER (Во подрум), во кое влегувате во најскриените тајни на човековата интима, провокативно разголувајќи го животот како таков?
-Новинари, медиуми и радио-телевизиски куќи од целиот свет бараа од мене интервјуа и ставови кога случајот Фрицл ѝ стана познат на јавноста. Не им го исполнив барањето. Но секако ги зедов скандалот и бунтовниот крик за овие, во суштина, незамисливи и тогаш разоткриени настани како повод да си го планирам филмот IM KELLER (Во подрум). Но идејата за филмот ја имав веќе неколку години пред тоа. И покрај сериозноста на темите што ги третирате во своите остварувања, сепак, велите „Ако успеам да ги насмеам луѓето со моите филмови и нивната смеа им се заглави во грлото во следниот момент, ако успеам да го сторам тоа, тогаш тоа ме прави среќен“. Колку хуморот е важен не само во филмската уметност, туку и воопшто, во животот на еден современ човек, со оглед на се поголемата отуѓеност меѓу луѓето, и покрај привидот дека со општествените мрежи сите сме споени и сите сме едно?
-Живееме во време во кое има струи што во смисла на „политичката коректност“ го критикуваат хуморот. Постои намера да му се пропише на човека за што има право да се смее, а за што нема такво права. Тој што го бара ова, не ја разбрал смислата и исцелителната моќ на хуморот во човековиот соживот. За мене, хуморот е значаен еликсир, без кој не може да се замисли животот и кој не само што од сите аспекти ни го збогатува животот туку често ни го прави и поподнослив и полесен за да се справиме со проблемите, душевните болки и грижите или со секојдневието, кое често не ни е исполнето со радост. Патем кажано: не сум активен со општествените медиуми, значи не припаѓам на ниедна заедница, рече тој.