Легендарната рок група „Дивље Јагоде“, вечерва петок , 27-ми септември 2024 година ќе има концерт во Скопје во „Македонската филхармонија“, со почеток во 21.00 часот.
Пред концертот продукцијата „Сцена“ , во градската кафеана „Пелистер“ во Скопје одржа прес и дружење членовите на „Дивље јагоде“, чиј модератор беше музичкиот новинар и ТВ водител Антонио Димитриевски.
На пресот пред новинарите лидерот и основач на групата Сеад Зеле Липовача говореше за себе, почетоците, како настанала групата и нејзиниот тек низ сите овие години. Раскажувајќи интересни случки од личната и кариерата на бендот, Заеле потенцираше дека за да успееш да опстанеш сиве овие години не е важно колку време постоиш, како се викаш, дали си убав или грд, паметен или без памет, па дури ни колку добро свириш и пееш… најважно од се е да имаш добра песна.
„Што се однесува до публиката таа е секаде иста ако успееш да создадеш хенмија меѓу бендот на сцената и нив долу во партерот или на трибините. Ако има фидбек, концертот ќе биде успешен. Ние сме едни од тие што секогаш оставаат ‘срце на терен’ без оглед каде и пред колку луѓе настапуваме. Особено оваа, која сметам дека е златната постава на групата“ -рече меѓудругото лидерот на „Јагоде“, кој нагласи дека сепак има мала разлика , еден вид јаз на генерациите помеѓу оние кои растеле со нивните песни и овие новиве деца, кои сега ги откриваат.
Зеле и екипата ќе ги отсвират и испеат нивните најголеми хитови од почетоците на бендот, па се’ до оние од неодамна излезениот, најнов, 13-ти по ред студиски албум „Прати моје старе трагове“. Тој призна дека за прв пат ќе свират во малку необичен амбиент – филхармониска сала, но затоа пак свирката ќе биде прилагодена за сите вкусови. Електрично-акустичен концерт кој во својата средина ќе има получасовна „анплагд блок“ изведба на некои од нивните најпознати балади.