Со спроведување на анкета помеѓу наставниците и учениците од трета и четврта година во средните гимназиски училишта, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието го започнуваат процесот на унапредување на квалитетот на гимназиското образование и негово усогласување со европските образовни стандарди.
Повеќе од 20 години гимназиското образование е непроменето и неопходна е потребата од прилагодување на глобалните трендови и стандардни, како и на општествените текови. Во таа насока, преку анкетни прашалници за наставниот кадар и учениците во гимназиите, МОН и БРО ќе ги идентификуваат актуелните предизвици, но и силните страни на постојниот систем на гимназиско образование.
Со спроведување на реформа на гимназиското образование, се отвораат бројни можности за подобрување на квалитетот на наставата и учењето, како за учениците, така и за наставниците.
Придобивките ќе вклучуваат поуспешно усогласување на наставните програми со потребите на современото општество и пазарот на трудот, подобрување на критичкото размислување и практичните вештини на учениците, како и нивна подобра подготовка за понатамошно образование или работен ангажман. За наставниците, промените ќе обезбедат подобра поддршка за професионален и кариерен развој, воведување на современи наставни методологии и алатки, како и креирање на поинтерактивна и мотивирачка училишна средина.
Анкетирањето ќе се спроведе во периодот од 30 септември до 4 октомври, од страна на советници од Бирото за развој на образованието, а во анкетата во секоја гимназија е потребно да учествуваат најмалку 80% од наставниците и сите ученици од трета и четврта година.