ЕУ го негира македонскиот народ, таа е педофилска, неморална ќе се распадне и Русија ќе победи во војната во Украина, ќе го запре проширувањето на ЕУ и НАТО. Ова се дел од дезинформации кои ги шират странските пропаганди поврзани со ЕУ
Северна Македонија беше идентификувана како потенцијален кандидат за членство во ЕУ за време на самитот на Европскиот совет во Солун уште во 2003 година. Нејзиниот Договор за стабилизација и асоцијација, прв во регионот, е на сила од 2004 година.
Но, земјава во моментов пак е во застој поради уставните измени кои мораат да се случат за продолжување на европскиот пат. Освен тоа, она што друго би можело да го попречи евроинтегративниот процес се честите дезинформации кои предизвикуваат големи негативни последици, фалсификувајќи ги перцепциите на многу луѓе за Европската Унија генерално.
Таквите дезинформации доаѓаат од обичните граѓани, институциите, политичките партии, како и од надворешно руско влијание кое ги користи сите внатрешни конфликти и партиски и општествени групирања за да го зајакнат своето присуство и да ја дестимулираат државата во ЕУ ориентацијата.
Една од тие дезинформации е дека ЕУ ги негира македонскиот народ, историја и државност.
Но, рецензијата на Вистиномер го образложува ова преку факти.
„Причината поради која Украина и Молдавија ги почнаа преговорите за членство во ЕУ пред Северна Македонија, не се поврзани со тоа што ЕУ ја спори Македонската нација, јазик, историја или државност, туку затоа што никој не стави вето на почетокот на преговорите. За разлика од ова, кога станува збор за С. Македонија, вето најпрвин стави Грција заради името, а сега и Бугарија, која побара внесување на бугарското малцинство во земјава во Уставот. Сите горенаведени факти говорат дека ЕУ на ниеден начин не ги спори македонскиот јазик, идентитет, историја или државност. Земјава е демократска и суверена, а јазикот, идентитетот, државноста не се предмет на негирање од страна на ЕУ“, се наведува во рецензијата.
Професор Злате Димовски од Факултетот за безбедност објаснува дека ширењето на информации и дезинформации станува често користен метод во работењето на разузнавачките служби, но исто така и користен метод во спротивставувањето од страна на контраразузнавачките служби.
Тој потенцираше дека вклучувањето на науката, медицината и психологијата се покажува како силна алатка и инструмент за манипулација и влијание врз поединците и масите.
„Од аспект на безбедноста пласирањето на информации и дезинформации се методи кои се користат со цел создавање на забуна кај целните групи кои можат да бидат граѓаните на една држава, или парцијално по основ на национална, верска, социјална, полова или друг вид припадност, или по друг вид на поделба, целна група која се претпоставува дека ќе биде под влијание на пласираните факти и насочена кон постигнување на одредени цели, во овој случај може да биде чувство на несигурност, губење на доверба во институциите на системот, страв, бес, афективна состојба и предизвикување на реакција изразена пред се преку немири, непочитување на позитивните прописи, граѓанска непослушност, анархија и слично“, вели Димовски.
Педофилијата и Европската Унуја
Друг пример за дезинформација е дека ЕУ е педофилска и ѝ го украла името на Македонија.
„Географската карта прикажана во склоп на објавата, Вистиномер ја пронајде на сајт каде се наведува дека таа е изработена од англискиот картограф Самуел Батлер и, на неа е претставена Македонија 70 години пред новата ера до 180 година од новата ера. Подвлечен е топоним Еуропус кој бил град во тогашна Античка Македонија. Така што, потенцирањето на подвлечениот топоним на картата Еуропус, не докажува на ниеден начин дека на Македонија ѝ било украдено името. Oсобено не од ЕУ, која е формирана по Втората светска војна. Во објавата, исто така, се тврди дека „ЕУ е педофилска“ што е невистина. Не постои иницијатива во ЕУ да се легализира педофилијата која се смета за кривично дело“, стои во рецензијата на Вистиномер.
Професорот Димовски додава дека опасностите се големи од аспект на безбедноста затоа што испраќачот на подготвените факти (информации или дезинформации) добро ја проучил средината и секогаш атакува на состојби, моменти или ситуации кои се актуелни и можат да предизвикаат брзопотезни реакции на граѓаните и загрозување на безбедноста.
„Дезинформациите или информациите кои се пласираат можат да бидат вистинити, полувистините или лажни согласно посакуваната цел, се пласираат по точно одреден начин на комуникација, односно вербална, невербална или пишана. Друг назив на ваквите активности е субверзивно-пропагандно делување или пласирање на дезинформации. Пропагандата како метод на пласирање на дезинформации е осмислен и континуиран процес на ширење на конкретни содржини вклучувајќи политички, економски, културни, религиски, безбедносни и други, со крајна цел да се оствари влијание или придобие дел од јавноста, односно на таргетирана држава, институција, политичка партија, организација, бизнис, религиозна или друга група. Анализата укажува дека пропагандата претставува релација помеѓу организаторите на пропагандата: државата, политичката партија или друг субјект, како и субјектите спрема кои пропагандата е насочена: јавноста, човековата свест и потсвест“, дециден е Димовски.
Сега веќе поранешната власт на СДСМ ширеше предизборни невистини каде ветуваа дека до 2024 година ќе бидат отворени 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ.
„Во својата програма за парламентарните избори во 2020 година, СДСМ вети дека 80 отсто, односно 25 од 33 поглавја за влез во ЕУ, ќе бидат отворени до крајот на нивниот мандат. Сепак, досега сè уште не е отворено ниту едно поглавје. Според последниот Извештај на Европската комисија за 2023 година, иако има позитивни оценки за некои од поглавјата (добро ниво на припрема или „good level of preparation“ според сакалта), досега ниту едно поглавје не е отворено за преговори. Официјалниот старт на преговорите за влез во Европската Унија се случи на 19 јули 2022 година на меѓувладина конференција. Веднаш потоа започна и процесот на проверка или скриниг, којшто траеше 15 месеци и се затвори на 8 декември 2023 со последениот Билатерален состанок од Поглавјето 31 за Кластерот 6. Оттогаш, процесот практично е замрзнат повеќе од четири месеци“, се објаснува и во оваа рецензија на Вистиномер.
ЕУ- неморална
Воедно, постојат и многу дезинформациски и пропагандни наративи кои ја претставуваат ЕУ како неконзистентна или неморална, слаба, разединета, пред распаѓање, некредибилна итн, се дел и од стратегијата на актуелната владејачка структура во Русија за засилување на руското влијание и подривање на демократските и интегративните процеси во регионот на Западен Балкан.
„Кога се проценува влијанието кое ја изместува Северна Македонија од прокламираниот процес на демократски развој насочен кон прифаќање на вредностите на Европската Унија (ЕУ) и пристапување кон ЕУ, не смее да се занемари како во македонските медиуми се претставува уделот на одделни држави членки на ЕУ и како медиумските и политичките интерпретации влијаат на перцепцијата на самата заедница како посебна структура меѓу граѓаните на Република Северна Македонија (РСМ)“, наведено е во рецензијата.
„Последиците од горенаведените начини на медиумско претставување на влијанието на ЕУ и одредени земји членки во Северна Македонија можат да се лоцираат во растечкиот евроскептицизам на граѓаните, непријателскиот однос кон ЕУ и одделни земји членки, во ретроградните процеси поврзани со борбата со корупцијата и владеењето на правото, и во растечки национализам, како и во намалената поддршка на напорите на Владата на РСМ за помош на Украина или учество во заедничките процеси иницирани од ЕУ, како санкциите против Русија“, наведено е во рецензијата.
Дезинформации имаше и во однос на тоа дека наводно санкциите врз Русија немале ефект.
„Клип од лансирање на ракета се злоупотребува како доказ дека санкциите против Русија немаат ефект. Самиот клип е реален, но проблемот е во описот со кој тој е проследен. Тој создава впечаток дека Русија под санкции реализира скапи и сложени проекти, но тој премолчува дека овој модел на ракета не е најнов крик на технологијата, туку е стар околу две децении, а санкциите и тоа како имаат ефект, особено врз државната корпорација Роскосмос, која се занимава токму со вселенски проекти, а и врз Гаспром, кој лани доживеа рекордни загуби. Можеби е претерано да се каже дека санкциите целосно ја уништиле руската економија, но да се рече дека тие немаат ефект би било неточно“, стои во рецензијата на Вистиномер.
Европската комисија препорачува земјава да вложи дополнителни напори во затворање на просторот за странско мешање и манипулација со информации, вклучително и дезинформации, како и да преземе активности за градење општествена отпорност против ваквите и други форми на хибридни закани.
Дезинформациите ја менуваат перцепцијата на граѓаните за Европската Унија
Во однос на информациите кои произлегуваат а се поврзани со Европската Унија, Башким Селмани, професор на правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово вели дека во Македонија најчесто прво се гледа на негативната страна, преку ширење дезинформации поврзани со ЕУ, наместо да се гледа кој е бенефитот од истата.
„Наративите како „Ќе го изгубиме идентитетот“, „Ќе не снема како нација“ и слично, енормно се шират и претставуваат проблем. Но, веќе и граѓаните толку не ги интересира политика, туку повеќе се насочени кон подобар стандард и подобар живот. На сите им се случува, да одберат една страна и да се користат со дезинформациите, наместо да се погледнат двете страни и да се процени дали станува збор за точна информација. Дезинформациите ги оддалечуваат луѓето од реалните состојби“, дециден е Селмани.
Тој вели дека токму Европската Унија е таа која ни помага со фондови и различни други бенефити и дека со влез во Унијата ќе може да се намали корупцијата и да се подобри животниот стандард.
На сличен став е и професорот Злате Димовски вели дека во моментов пласирањето на дезинформациите е насочено кон намалување на определеноста на граѓаните и нивната намера да ги поддржат евроинтегративните процеси.
„Се пласираат информации дека Европа не нѐ сака, нема расположение за наш прием, се наведуваат податоци и лажни информации што ние би добиле од ЕУ, дека е организиран начинот на поставување на услови за наше членство. Ваквите дезинформации секогаш се дозирани со елементи кои создаваат амбиент на реална слика и секој граѓанин согласно својот статус, разбирање, образование и интерес ја прима информацијата и гради став, а тоа се пренесува преку јавната перцепција. Дополнително, пренесувањето на одредени ставови на т.н. „експерти“ се прифаќаат безрезервно и се создава тој амбиент на апатија, незадоволство и неверување во вистинските намери за наша интеграција во ЕУ. На тој начин расте евроскептицизмот и бројките за доверба во интегративниот процес постепено паѓаат. Потребна е во наредниот период да се работи на информациона писменост на граѓаните, да се зголеми свесноста за нападите од информации кои содржат невистинити и строго наменски содржини и да се работи на поголема заштита на сите податоци кои се пренесуваат по виртуелен пат“, објаснува тој.
Професорот Селмани додава дека јавните мрежи и комуникацијата меѓу луѓето низ целиот свет се проблематични во однос на дезинформациите.
„Одредени лица селектираат податоци кои им одговараат само нив и ги пласираат и шират меѓу луѓето. Граѓаните исто така, доколку слушнат некоја дезинформација ја повторуваат истата, при што ја шират и штетата на другите луѓе. Законодавецот кај нас го пропишал загарантираното право на изразување, но не се јасни границите на тоа изразување, како другите се чувствуваат и на кој начин можат да постапуваат. Институциите и судовите ретко постапуваат по однос на проблемот со дезинформациите. Поточно, ние сме во една состојба во која никој не знае ништо, а сите ние сме жртви на тоа незнаење“, вели професор Селмани.
Тој тврди дека одговорност треба да имаат самите институции.
„Потребно е да се направи некаков механизам на централно или општинско ниво каде би се контролирале овие информации. Дезинформациите не потекнуваат и не кружат само внатре во државава, дел од нив доаѓаат и од надвор. Сега имавме избори, за време на предизборните кампањи, анализиравме дека секој зборува што ќе му текне, како на пример едни викаа „Да ја вратиме Македонија“, а други „Стоп на Русија“, каде и едниот и другиот пример не е во ред. Од кого треба Македонија да се брани? Се шират секакви дезинформации, што ги доведува граѓаните да влезат во заблуда. Често се случува оние кои се поинтелигентни и имаат поголема моќ, манипулираат со оние кои зависат од нив. Граѓаните најчесто сите информации ги земаат од интернет и веруваат во нив. Тие не се оние кои треба да ја верификуваат информацијата, дали е исправна или не. Па така ќе ја рашират и помеѓу другите, а тие ќе мислат дека таа информација е од веродостоен извор“, додава тој.
Кога се во прашање изворите на пропагандата, односно пласирањето дезинформации, Димовски ги спомена и видовите на пропаганда.
„Постојат повеќе видови на пропаганда со кои се манипулира со јавноста при објавувањето на дезинформациите: бела пропаганда, црна и сива. Белата е моментот кога државата преку официјалните органи ги соопштува своите ставови, мислења и сознанија околу одредени прашања или активности за кои смета дека треба да ги сподели со јавноста. Кај црната со сигурност не може да се идентификува изворот. Во пракса во најголем број на случаи како поттикнувач и реализатор се јавуваат разузнавачки служби во контекст на скриените операции со цел остварување на влијание во зона на интересот. Сивата се реализира преку легендарни извори, но истите преку одредени методи и средства може да се идентификуваат“, дециден е тој.
Тој додаде дека пропагандата се јавува во пишана форма, односно пишаниот збор, усна, како и пропаганда преку слика, уметничко дело, видео и слично.
„Пропагандата или дезинформацијата може да се јави во многу форми заради остварување на политички, но и други цели. Истражувањата укажуваат дека постојат разни методи на пропаганда, односно на манипулација со факти, вистини и невистини, сознанија и информации, дека најчесто применувани се ширењето на гласини, најстар и најефикасен начин на пропаганда што се пренесува од еден до друг. Moите констатации покажуваат дека примателот на информацијата секогаш сака да се ослободи што е можно побрзо од истата и притоа на „сознанието“ вообичаено му додава и своја интерпретација, односно коментар. Како резултат на тоа гласината брзо и искривоколчено се движи и има силен ефект особено доколку се надоградува со т.н. „полувистини“ од пренесувачите на информацијата“, рече Димовски.
Во однос на тоа кој ги објавува и шири таквите дезинформации, Селмани вели дека постојат одредени „центри“ кои работат на објавување на таквите дезинформации.
„Дезинформациите доаѓаат од надвор или од внатре, но тука безбедносните служби на државата треба да ги анализираат и следат и понатаму да бидат превземени соодветни мерки, па и да бидат изречени казни. Кај нас, сега за овие избори кружеше дека доколку ДУИ нема да биде на власт, тоа ќе претставува проблем. Ние сме демократско општество и некој на изборите секако ќе изгуби, тоа воопшто не треба да претставува проблем. Сите дезинформации создаваат несигурност и нестабилност, а државата мора да превземе нешто, дали ќе бидат тоа некои измени во закон или пак, ќе се пропишат некои правила за јавната комуникација, кодексот да се почитува, органите да ја следат и чуваат безбедноста на државата. Значи секоја информација треба да се верификува од каде таа доаѓа, бидејќи сега и тоа не е толку тешко да се открие“, кажа тој.
За тоа како би можеле да се избориме со ваквите дезинформации, професорот Селмани рече дека секоја слабост или празнина во системот треба да се анализира законски и дека кај нас пред да се донесе некој закон, недоволно се гледа реалната состојба на терен.
„Сметам дека треба да биде формирана некоја институција која што ќе се занимава со анализа на јавни настапи на аналитичари, медиуми и да се истражува дали се шират некои дезинформации. Таквите информации е потребно да се корегираат, да се преземаат некои мерки, но и превентивно да се постапува бидејќи ние овој термин го нарекуваме дезинформации, но токму преку нив се гледаат сите проблеми кои ги имаме во општеството. Следно, потребно е повеќе да се ангажираат безбедносните служби за следење на ситуацијата во однос на тоа од каде доаѓаат некои дезинформации и да ја чуваат безбедноста на државата“, вели Селмани.
Во годишниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија се наведени различни критики за напредокот на нашата земја во пристапниот процес за нејзиното членство во Европската Унија. Голема поделеност и партизираност во работата на парламентот, никаков напредок во судството и борбата против корупцијата претставуваат само дел од острите забелешки на Брисел. Кај слободата на изразување се констатира „ограничен напредок“ – но, се вели и дека има медиумска слобода и дека се дозволува критичко известување. Комисијата има забелешка и за сегашните мерки за борба против дезинформации кои се оценети како не ефикасни. Тие оценија дека треба да се подобри разбирањето на јавноста за ризиците од дезинформации, како и вештините за медиумска писменост во општеството.
Истражување на СКУП
Овој материјал е подготвен од страна на Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија, во соработка со Канал 77 и Центарот за современи уметности во рамките на проектот „Дезинформации – креативно замаглување на умот” поддржан од Програмата за дигитален активизам на TechSoup Global.