Се почесто дезинформациите и лажните вести се она преку што луѓето се информираат и го креираат своето мислење, што потоа за жал доведува до измами и проневери од огромни размери.
Измамите на социјалните мрежи се појавуваат во бранови, а најчести се за време на летниот период и знаат да бидат доста опасни за граѓаните, вели во денешното гостување во емисијата Стадион, Владимир Петрески од Метаморфозис, зборувајчи за ширењето и влијанието на дезинформациите во општеството.
- После изборите најбројни се измамите. Измамниците креираат цели страници или профили и на нив пуштаат објави, од типот на лажни наградни игри, акции со големи попусти и секогаш користат име на некој познат бренд, притоа нудејќи некој познат производ за многу ниски цени, како на пример ајфон за 123 денари, објаснува Петрески.
Посочува дека на овој начин преку таквите измамнички објави не само што измамниците ќе ви ги земат тие 123 денари, туку уште пострашно ги добиваат и вашите лични податоци кои понатаму или ги препродаваат на маркетинг агенциите или ги користат за да ги испразнат вашите сметки.
- Секогаш кога ќе видите некаква понуда која изгледа премногу добро за да биде вистинита, таа не е вистинита, потенцира Петрески.
Тој нагласува дека особено значајно е кога ќе се забележи дека некој познат бренд нуди некоја премногу добра понуда или акција, веднаш да се провери дали страницата каде се нуди истото е вистинската страница на брендот, или станува збор за лажно измамничка страница.
- Во сто отсто случаи брендот си има своја вистинска страница, која нема врска со измамничката. Ваквите страници секогаш имаат само по една, две или три објави, за разлика од вистинските страници. Сите лажни страници се креирани неодамна, пред ден или недела, сите објави ви се појавуваат како реклами односно како спонзорирани објави, тоа се трите најчести знаци кои покажуваат дека станува збор за измамничка објава, нагласува Петрески.
Таквите страници се гаснат онака брзо како и што се појавуваат , вели Петрески за да не може да им се влезе во траг.
За дезинформациите, нивното ширење и влијание зборуваме во денешното издание на емисијата Стадион на Канал 77. Гостин во студиото Владимир Петрески од Метаморфозис. Следете не на линкот во продолжение: