Поминаа 12 години од големиот шумски пожар, што се закануваше да го запали стариот дел на градот. Во огнот на ридот на Струмица, животите ги загубија Блажо Стојков и Пено Стојанов од Рич, Мите Ѓорѓиев од Струмица и Војо Гркљанов од Струмица. Во нивна чест денеска беше посетено спомен обележјето, а семејствата, пријателите, Градот и струмичани се потсетија на нивната жртва.
„Денеска кога на повеќе места во Македонија горат шумите, ние во Струмица се потсетуваме на големиот шумски пожар пред 12 години и им оддаваме почит на четворицата струмичани кои со живот ја платија борбата со огнената стихија. Слава им на хероите – браќата Блажо Стојков и Пено Стојанов од Рич, Мите Ѓорѓиев од Струмица и Војо Гркљанов од Струмица. НИКОГАШ повеќе да не се повтори ваква трагедија“, се зборовите на градоначалникот Костадин Костадинов.
Загинатите храбро се бореа со огнената стихија и со натчовечки напори се обидуваа да спречат, огнените јазици да ги зафатат и куќите од горниот дел на градот. Таа нивна храброст и пожртвуваност, за жал ја платија со нивните животи. Секој граѓанин треба да им биде благодарен за она што тие го сторија, а на сите нас трагичниот настан од 23. јули 2012 година, треба да ни биде голема опомена.
Шумскиот пожар над Струмица изби на 23 јули 2012 година од боровата шума на планината Еленица која е сместена веднаш над градот. Пожарот бил подметнат. Двајца од загинатите беа вработени во ЈП „Македонски шуми“ и двајца цивили кои доброволно се вклучиле во гаснењето на пожарот. Во текот на пожарот, кој брзо се прошири, повредени биле десетина лица од кои седум биле деца.
Во чест на загинатите на главниот булевар во центарот на градот е изграден споменик од страна на општината, а во близина на местото каде што загинале семејствата на загинатите подигнаа мала црква-спомен.