Кризниот штаб на Општина Неготино по одржаниот состанок доца синоќа повторно побара поддршка од воздух за гаснење на пожарот на планината Серта.
Градоначалник Горан Стојанов информираше дека се утврдени активности за денес, коишто започнаа во раните утрински часови.
– Утрово има распоредено екипи на ТППЕ Неготино и Кавадарци. Тимови за заштита и спасување од пожари на Дирекција за заштита и спасување располагаат со соодветна механизација. Од ЦУК е побарана воздухопловна поддршка со хеликоптер, а од МВР постојан надзор на терен со дополнителни интервенции за евакуација, доколку има дополнително потреба за тоа, изјави Стојанов.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека рано наутро околу 7 часот интервенира армискиот хеликоптер со големо ведро, а околу 10 часот се очекува да се приклучат и два или три Ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.
– Благодарение на вчерашната одлука на Владата со која се надмина повеќемесечниот проблем со пилотите на авионите, околу 10 часот му се придружија два или три Ер трактори на ДЗС, се наведува во информацијата од ЦУК.
Пожарот избувна завчера околу 10.30 часот по што Советот на Општина Неготино одржа вонредна седница и беше формиран Штаб за заштита и спасување.