Прелиминарните резултати од Пописот одржан во Република Албанија во 2023 година не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата – реагираше Министерството за надворешни работи и најави дека ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес.
Остри реакции стигнаа и од најстарата македонска организација во Албанија “Друштво Преспа”, Македонското друштво „Илинден“-Тирана, како и Партија на слободата за Мала Преспа, кои обвинија за груб пописен фалсификат.
Македонското МНР вчера соопшти дека со сериозна загриженост ги нотира објавените прелиминарни резултати од Пописот одржан во Република Албанија во 2023 година и остро реагира на употребата на терминот „северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница.
-Техничките нерегуларности во начинот на реализација на истиот, на кои континуирано укажуваа македонските здруженија во Република Албанија во пресрет на Пописот, но и во текот на неговата реализација резултираа со објава на прелиминарни податоци кои што за жал не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата. Дополнително, Министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на терминот „северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница, стои во реакцијата на МНР.
Министерството воедно најави дека ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес, разгледување на можностите за соодветна корекција на направените пропусти и изнаоѓање на најадекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија.
Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа” претходно соопшти соопшти дека ги отфрла прелиминарните пописни резултати во Албанија од минатогодишниот попис одржан од 18 септември до 30 октомври, па продолжен до 16 ноември, за бројот на Македонците и “Бугарите“ и ги смета за груб пописен фалсификат.
Воедно, од Друшвото упатуваат протест до Претседателот, Собранието и Владата на Албанија, бидејќи, како што посочуваат, подлегнале на бугарските закани за пристапувањето на Албанија во Европската Унија, доколку Тирана не впиши “Бугари” во Законот за националните малцинства и доколку не декларира “Бугари” на последниот попис на населението
Македонското друштво „Илинден“-Тирана, исто така, остро реагираше по објавените пописни резултати, кои се однесуваат на бројот на Македонците во Албанија.
– Не ги признаваме и со огорченост ги отфрламе прелиминарните пописни резултати во Република Албанија, кои ги сметаме за груб пописен фалсификат, по желба на Бугарија. Јавна тајна е дека Бугарија го контролираше пописот, што го потврдува и фактот дека во Бугарија за време на пописниот период во Република Албанија, на социјалните мрежи беа објавувани фотографии од пописните формулари како се изјаснувале жителите во Република Албанија, стои во реакцијата.
Претставникот на македонската амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу и членот на Комитетот за малцинства, Марјана Косотофски, вчера на презентирањето на пописните резултати од ИНСТАТ, демонстративно ја напуштиле салата откако не им бил даден одговор на прашањето зошто на прегледот за бројот на малцинствата за сите стои она што се, само за македонското стоело име на државата Северна Македонија, на албански јазик и „Северно Македонци“ на англиски јазик.
Во однос на пописните резултати што ги соопопшти албанскиот Институт за статистика, остро реагираше и огранокот на Партијата на слободата за Мала Преспа, чиј претседател е Панди Јани, порачувајќи дека не ги признаваат и ја повикаа „европската заедница да спороведе суштинска проверка на нелигитимниот попис и веднаш да реагира“.
-Пописот не го признаваме, бараме повторување на истиот каде што доминантно е македонското малцинство, со меѓународна строга контрола без никакво надворешно мешање. Бугари во Албанија има, ама само во конзуларните претставништва – пописот нема никаква релевантна основа за состојбата на терен, револтирано изјави Јани.
Поранешната директорка на ИНСТАТ, Инес Нурја, за Еуроњуз Албанија изјави дека бројките од пописот на населението се манипулирани, бидејќи вкупниот број на населението во земјата е помал. За манипулации со бројките претходно обвини и опозицијата во Албанија, како и претставниците на македонското, влашкото и грчкото малцинство, кои најавија дека не ги признаваат.
Според резултатите од пописот што вчера ги објави албанскиот институт за статистика ИНСТАТ, во соседна Албанија живеат 2.281 Македонец.
Според резултатите од пописот, 7957 се попишани како Бугари. Првпат се случува на попис во Албанија да се попишат лица од оваа националност. Во сите досегашни 11 спроведени пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин.
МИА