Деформитетите, пречките на видот и лошото држење на телото се најзастапените патолошки состојби кај основците во Македонија. Ова го покажуваат податоците кои Институтот за јавно здравје ги достави до ММС, врз основа на направените систематски прегледи од учебната 2019/2020 до 2022/2023 година.
Меѓу деформитетите на ‘рбетниот столб најзастапена е сколиозата, што претставува странично искривување на ‘рбетот, а со цел да се нагласи зголемената потреба за јавна едукација и рано откривање, јуни на глобално ниво се одбележува како месец за зголемување на свеста за ваквата состојба.
Оттука, ги побаравме податоците од Институтот за јавно здравје кои ја отсликуваат состојбата со патолошките состојби кај учениците и кои покажуваат дека сѐ поголем дел од нив, имаат искривување на ‘рбетот.
Ова во своето досегашно работно искуство го констатирал и физиотерапевтот Илија Жежов, кој во разговор за ММС вели дека најчестите проблеми со кои се соочуваат децата се кифоза, сколиоза и лордоза.
Според него, овие состојби најчесто се јавуваат кај децата од 12 до 14 години.
„Од сите овие состојби најмногу можат да се случат и проблеми со стапалата, односно се предизвикуваат деформитети и кај нив, поради што се предвидува носење на ортопедски влошки и физикална терапија. Терапијата може да трае од шест до 24 месеци и во тој случај се препорачува два до три пати неделно работа со физиотерапевт“, вели Жежов.
За зачестеноста на овие состојби говори и статистиката од ИЈЗ.
Стручните тимови во 2019-та година, евидентирале деформитети на стапало кај 7,6 проценти од учениците од основните училишта.
Деформитетите на ‘рбетниот столб биле застапени кај 7,5 отсто од нив и тоа најмногу кај децата од прво и седмо одделение.
Податоците се слични и во следните години.
Па така во 2020 – тата, деформитетите на ‘рбетниот столб се забележани кај 12,8 % од децата, додека деформитети на стапало кај 12, 1 процент.
Во 2021 година се бележи благо намалување, но од Институтот за јавно здравје посочуваат дека тоа е нереално, бидејќи бројот на систематските прегледи бил намален поради тогаш актуелната, ковид-пандемија.
Веќе во учебната 2022/2023 година, докторите регистрирале зголемување на бројот на деца со вакви патолошки состоби.
Деформитетите на стапало предничат со застапеност кај 6510 ученици или 13, 4 % од прегледаните, а деформитетите на ‘рбетниот столб и градниот кош се евидентирани кај 5341 ученик или 11 отсто од прегледаните.
Со масажа и соодветни вежби до исправување на ‘рбетот
Нашиот соговорник, Жежов објаснува дека користењето на модерната технологија има големо влијание врз ваквата состојба.
Особено кога станува збор за сколиозата вели тој, таа се јавува како последица на оптеретувањето на ‘рбетот од долгото седење, но не треба да се потцени и влијанието на прекумерната употреба на телефоните.
„Затоа е потребно да се прават редовни контроли на физиотерапевт барем еднаш на шест месеци, па доколку се забележат значителни промени важно е лекувањето да започне навреме и да се спречат степените на посериозно искривување на ‘рбетот“, додава физиотерапевтот.
Го прашавме Жежов и како се одвиваат третманите, на што тој одговара дека се пристапува индивидуално, откако физиотерапевтот ќе изготви соодветна програма.
„Кинезитерапијата е терапија која помага доста, потоа работната терапија со вежби како за дома, така и под надзор на физиотерапевт. Медицинската масажа е дел од оваа терапија бидејќи се работи по самиот дел на ‘рбетот каде целта е да се воспостави со терапијата исправување на самите пршлени или самото искривување. Целосниот процес или севкупно целосната терапија може да се одвива три, шест, 12 или 24 месеци. Секако сето ова зависи од самиот степен на сколиозата и искривувањето кај пациентот“, истакнува тој.
Жежов порачува дека најголемиот проблем е што децата и младите се сѐ повеќе „заседнати“ и често забораваат дека телото треба да го држат што поисправено.
Сметам дека децата и возрасните исто така, треба повеќе да обврнат внимание на физичката активност.
„Да не се седи подолго повеќе од еден час пред работното биро, да стануваат и да се раздвижуваат често. Да гледаат да посветат повеќе внимание на исправеноста на ‘рбетот и секако да најдат време за себе, време за спорт. Тука мислам на каков било спорт во кој ќе се пронајдат, важно е да имаат корист од таквата активност“, порачува Жежов.
На прашањето, како ваквите деформитети може да се одразат на квалитетот на живот кај децата, тој вели дека ако третманот е навреме, тогаш тоа може да заврши и со добри резултати.
-Доколку не се третураат ваквите состојби секако можат да завршат многу поинаку од очекуваното дека „ништо не ми е…“. Доколку не се почитуваат препораките од физиотерапевтот истите овие сколиози и други дегенеративни проблеми можат да дојдат до хирушка интервенција или како краен резултат до инвалидност. Затоа треба да се внимава, да се прават редовни контроли на секои шест месеци и секако доколку се утврди дека има сколиоза, кифоза или лордоза да се следат упатствата од физиотерапевтот кон понатамошното лекување до резултат за кој физиотерапевтот ќе смета дека е постигнат резултатот успешно – заклучува Жежов.
(В. Ми)