Како трета политичка сила нема да можете да не избегнете, ќе мора да се соочие со нас, рече Борислав Крмов од Левица од собраниската говорница, кој излагањето, како што рече го поделил на два дела.
-Секогаш кога ќе има лоша влада на СДСМ, доаѓа ВМРО и обратно и, за жал, мандатаре, уште во старт ретириравте на неколку полиња! Прво и основно ретериравте кај придавката Северна и рековте дека сега ќе го изговарате, наводно, новото име. Рековте дека дури и мандатот ќе го жртвувате – Вие новата придавка не сакавте ни да ја ословите која е, викавте дека нема да ја изговорите, а сега тврдите и сами кажавте дека ќе дадете заклетва со таа придавка. Еве, јас ве повикувам, да не испадне дека го кршите зборот, имате време да си дадете оставка, па да си останете на зборот – рече пратеникот Крмов и му се обрати на Мицкоски.
– Го факторизиравте ДУИ. Ветувавте дека ДУИ нема да биде фактор и кога дојдовме за гласање на Законот за организирање на државната управа, кога ви требаше две- третинско мнозинство, седнавте со ДУИ и се договоривте. Следуваат измени и дополнување на Законот за локална самоуправа, исто, закон, којшто се носи со две -третини и за којшто е потребно дури и Бадентерово мнозинство, така што уште повеќе ќе влезете во договор со нив, а бесрамно лажевте пред изборите дека Левица работела со ДУИ! Вие не издржавте ни влада да формирате и веќе ги факторизиравте. Народот не е наивен. Сигурно, не се работи тука за пазарење за некоја комисија во Собранието за правична застапеност и слично. Моја претпоставка е дека ДУИ преговара да си ги спаси своите функционери од прогон. Вие, како викавте, ја споредувавте таа партија со рак – рана, криминално здружение и слично, за сега со нив во прв момент да се здружите уште пред да имате влада. И, еве, мое мислење е дека, народот да не очекува, во тој табор како и до сега нема да има никакви пријави и апсења, рече тој и продолжи.
–Планирате да ја задолжите државата од старт со една милијарда евра. Тоа, нечесно, не го кажавте пред граѓаните уште пред изборите, затоа што знаете колку се граѓаните осетливи на задолжување. Имено, вашите пратеници секој ден во Собранието скокаа тука, се бунеа за секој земен грант од странство, за секој кредит, додека сега вие, фактички, го правите истото. Јас сметам дека ова ќе биде ново „Скопје 2014-та“, а пола пари од тие ќе отидат за сомнителни тендери! Барем пола пари од тие планирате да ги пумпате во општеството. Имаше еден ,,народен” израз во времето на Груевски: „Ок, и овие крадат како претходните, ама барем се гради“. Значи, ќе биде паролата сега, во овој нареден период: „Кради, ама и гради“. рече Крмов.
Во врска борбата против корупцијата, Крмов го посочи Мицкоски.
– Би почнал со Вас, мандатаре. Вие како директор на ЕЛЕМ имате добиено концесии за државно земјиште и за мали хидроцентрали. Тоа е, де факто, коруптивно однесување. Како човек да очекува дека вие сега од далеку посилна позиција, практично најсилната позиција во државата, нема да правите нешто слично? Понатаму, го имате Златко Пирински, којшто е за локална самоуправа кандидат и којшто беше сменет од в.д. директор за Водовод и канализација за, наводно, нешто дека милионски тендер злоупотребил во Град Скопје. Понатаму, го имате Панче Тошковски, познатиот адвокат на урбаната мафија на кој Вие лично му имате дадено два тендера: еден за 25 000 евра, еден за 143 000 евра за т.н. адвокатски услуги. Понатаму, Цветан Трипуновски за земјоделие, којшто има кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување. Како може да очекуваме ние сега од него одеднаш да нема злоупотреба на службена положба? Орхан Муртезани за европски прашања – директор на МЕПСО и претходно на Македонски железници, којшто вашата партија го нарекуваше паразит, којшто ќе паразитира на македонскиот народ со превисока плата, а македонскиот народ плаќа превисоки сметки за струја и како шлаг на тортата – тој не ги признава македонските инсигнии, македонските државни симболи и со тоа плука директно на македонската држава и на македонскиот народ. додаде Крмов, па продолжи:
– Тука е Изет Меџити, кој се фалеше дека многу легализирал дивоградби и незаконски ги има променето имињата на училиштата во неговата општина. Вашиот потпретседател излегуваше на пресови и кажуваше како бил купен Арбен Таравари со куќа што вредела 500 000 евра за 150 000 евра и сега тој ќе го ставите министер за здравство. И ќе завршам со Горан Минчев, за јавна администрација, кадар на ЗНАМ, којшто е кум на Бранко Црвенковски и негов соработник. Значи, вие ја проширувате соработката со бранковистите! Сега освен што го факторизирате ДУИ, го факторизирате и Бранко Црвенковски, којшто, е, нели, најомразената фигура во ВМРО-ДПМНЕ, којшто ја спроведе приватизацијата во 90-те години кога Македонија беше фрлена на колена и оттогаш, практично, не можеме да се исправиме! Вие не можете да ја избегнете корупцијата, не можете да ја избегнете злоупотребата на државниот апарат, за да дојдете до поголема финансиска и нелегална добивка, што значи дека вие потекнувате од истиот систем што тука пред македонските граѓани тврдите дека ќе го реформирате. Истиот систем којшто заедно со СДСМ и ДУИ, 30 години го имате градено, што значи дека нужно ќе потфрлите, само треба да ви се даде време, рече меѓудругото Крмов.
Погледнето го неговиот говор: