Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој ќе ја предводи идната влада, в недела пред своите сопартијци ќе ги презентира предлозите за кадрите кои ќе застанат на чело на министерствата. За кадровските решенија ќе треба да се произнесат Извршниот и Централниот комитет на партијата, по што тие ќе ѝ бидат соопштени на јавноста.
-Што се однесува до коалицијата „Твоја Македонија“ и ВМРО-ДПМНЕ ние сме структура којашто има вертикална организациска поставеност, функционира врз основа на статут и нормално, во согласност со законите и Уставот. Овој викенд во недела ќе биде одржана седница на Извршниот и Централниот комитет на партијата, ќе бидат претставени кадровските решенија од моја страна како мандатар со нивната биографија. Очекувам Извршниот и Централниот комитет да се произнесат и доколку тоа произнесување е успешно и позитивно да бидат соопштени на јавноста. Официјалниот список на идната влада заедно со програмата на работа на Влада ќе бидат доставени во вторник на 18-ти во македонското собрание изјави денеска Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање зошто се уште не се објавени имињата на новите министри.
Во однос на прашањето дали списокот е веќе комплетиран и затворен од сите партии, тој рече дека не може да зборува од нивно име.
„Нашиот предлог ќе биде комплетен во недела и ќе биде претставен пред Извршниот и Централниот комитет во недела. Седницата на Извршниот комитет е во 18 часот, а очекуваме седницата на Централниот комитет да биде во 19 часот овде во Скопје“, кусо посочи Мицкоски.
Прашан за обвинувањата од СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ има коалиција со ДУИ која даде поддршка за законските измени за реорганзација на министерствата, Мицкоски рече дека очекувале да гласаат и пратениците како од СДСМ, така и од Левица.
Гласаа пратеници на ДУИ, тоа е точно. Но од коалицијата „Европски фронт“ гласаа и пратеници кои се дел од Турската демократска партија, од Демократската партија на Албанците и други пратеници кои не се од ДУИ. „Очекувавме да гласаат и пратениците коишто се дел од коалицијата предводена од СДСМ и пратениците од политичката партија Левица, бидејќи тоа што СДСМ не го кажува, а што треба македонската јавност да го знае е дека јас лично остварував со нив контакти цело време и вратата да го поддржат овој закон за сите пратеници беше отворена. Тоа што дел од идните опозиционери препознаа квалитет во овој закон и гласаа, претпоставувам тие треба да ви дадат одговор“, додаде Мицкоски.
Кога станува збор за составот на идната влада пак, тој рече дека ќе биде составена од коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди или Влен и политичката партија ЗНАМ предводена од градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.
„Во македонскиот парламент во опозиција ќе биде коалицијата таканаречен Европски фронт, коалицијата Европска иднина и политичката партија Левица. Со тоа ќе биде реализирано и второто ветување кое го дадовме пред изборите. Првото беше реорганизација на составот на Владата, второто е ДУИ во опозиција, третото ветување е 400 до 450 милиони евра инвестиција во производство на електрична енергија од обновливи извори. Секоја недела ќе одиме со по уште едно ветување, планираме интензивни активности“, порача Мицкоски.
В. Ми