Во аулата на Ректоратот на УКИМ, денеска беа доделени награди на најдобро дипломирани студенти за учебната 2022/2023 година, а во рамки на свеченостите по повод патрониот ден и одбележување 75 години од постоење на Универзитетот. На редовни студенти од завршниот семестар во прв циклус студии кои покажале особени резултати во студиите, им беше врачена наградата „26 јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија.
Наградите ги врачи ректорката на УКИМ, професор доктор Биљана Ангелова, а Александар Стамболиев ја додели наградата од Фондацијата „Стамболиев“.
Најдобриот студент на Медицинскиот факултет, Леонид Рене Томас Караџинов рече дека планот му е да остане во нашата држава.
– Одлуката ја темелам врз тоа што генерално целото семејство и поддршка ми се тука, не гледам причина да одам во странство. Во моментов цврсто сум убеден дека тука ќе ги барам моите почетоци за кариерата. Понатаму, ништо не е исклучено за во иднина. Но, се надевам дека тука ќе останам и понатаму за да придонесувам во здравството и во развој на целата здравствена грижа – изјави тој за новинската агенција МИА.
Една од наградените, Ана Софеска пред присутните рече дека времето што го поминале овде ги опремило со знаење, вештини и со самодоверба за да дадат значаен придонес во нашата татковина.
– Им честитам на моите колеги и знам дека иднината ќе биде светла, затоа што секој од нас ќе продолжи силно да блеска во своите полиња, кажа Софеска, која се обрати во име на сите добитници.
Награда за најдобро дипломиран студент добија Ангела Мешкова, Матеа Ташковска, Дејан Радуловски, Деспина Буцевска, Руфија Идризовска, Ана Софеска, Леонид Рене Томас Караџинов, Благоја Атанасоски, Виктор Мегленовски, Кристина Стоилковска, Габриела Козарова, Теодора Мазнева, Виктор Игнов, Марко Милчевски, Ања Митиќ, Марија Митевска, Ања Филипова, Теа Костадинова, Акса Зулбеари, Егзона Муртезани, Мергим Фера, Јана Панчевска, Ева Зовиќ, Иван Станишковски и Дамјан Наумовски.
Добитници на наградата „26 јули“ се Давид Стојаноски, Дејан Радуловски, Ана Софеска, Габриела Козарова, Кристина Стоилковска, Ања Филипова и Ева Зовиќ.
Наградата од Фондацијата „Стамболиев“ му припадна на Виктор Игнов.
Покрај наградените и членови на нивните семејства, на свеченоста присуствуваа и проректорите на Универзитетот, генералниот секретар, претседателот на Универзитетскиот сенат, деканите на факултетите.
На настанот беше кажано дека Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и понатаму ќе биде отворен за сите идни достигнувања на студентите.