Голем број граѓани, пријатели, роднини и родители на убиените деца утринававо 8 часот и 40 минути се собраа пред основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, каде им оддадоа почит на жртвите, запалија свеќи и се потпишаа во книгата на сеќавањето на деветмината убиени ученици и училишниот чувар пред точно една година, јави дописникот на МИА од Белград.
На самиот влез во училиштето беше поставена просторно-уметничка инсталација „превез на плачот“ на која беа испишани имињата на сите жртви од училиштето Рибникар, кои на 3 мај 2023 година беа убиени од малолетниот К.К., исто така ученик од тоа училиште.
Во 08:41 часот медиумите ги прекинаа телевизиските и радио програмите во Србија, кога К.К. почна да ги убива соучениците, им оддадоа почит на жртвите и потсетија на масовните убиства што ја погодија Србија пред една година.
По палењето на свеќите, граѓаните ќе можат да го посетат т.н „простор на тишината“, како што организаторите го нарекоа просторот на улиците околу ОУ „Владислав Рибникар“.
На споменикот на Десанка Максимовиќ во Ташмајдан, од 9 до 19 часот, ќе се организира Форум на која граѓаните ќе разговараат со претставници на Мултидисциплинарниот тим за прашања поврзани со причините и последиците од масовните убиства на 3 и 4 мај 2023 година, а за тоа време на специјално поставен екран во близина на тој споменик ќе се емитува видео колаж во чест на жртвите.
Ќе биде достапна и кутија за пораки, како и QR кодови кои ќе им овозможат на граѓаните да презентираат предлози кои ќе се користат во процесот на развивање идеи за идниот Меморијален центар.
Финалната музичко-сценска програма ќе се одржи во Студентскиот културен центар во 20 часот, а поради ограничениот простор, граѓаните ќе можат да го проследат настанот на екранот поставен на Ташмајдан, како и во директен пренос на повеќе телевизиски станици.
Ученикот К.К. (13) од ОУ „Владислав Рибникар“ на 3 мај минатата година со истрели од огнено оружје уби девет ученици и чуварот на училиштето и рани пет ученици и еден наставник. Од трагедијата, поведени се кривични и пет граѓански постапки против родителите на малолетниот К.К.
Еден ден подоцна, 21-годишниот Урош Блажиќ со автоматско оружје уби девет лица во селата Дубона и Мало Орашје кај Младеновац.