Надица Димитриевска, сопруга на кандидатот за претседател Максим Димитриевски, подеднакво успешно ги игра сите животни улоги. Професионалец во својата работа, мајка која подигнала три деца, жена со безрезервна поддршка на сопругот, а притоа со добра организација наоѓа време за себе да изгледа убаво и достоинствено и цврсто да ги држи сите конци во домот.
А да се задржи брак во денешно време е вистинска лотарија, притоа тој брак да биде среќен и функционален е бинго! За да биде така треба многу љубов, разбирање, почит и поддршка. Токму тоа го има во бракот на Надица и Максим. Се гледа кога жена е сакана. Надица откри дека се заедно од 18 години, пет години во врска, 24 години во брак, а следната година, со Господ напред, се подготвени да слават сребрена свадба.
Разговорот го водевме во нивниот дом во Куманово, полн со позитивна енергија, со кафе и благо за добредојде и со искрен муабет за се она што го сочинува нивниот живот. На два дена пред изборите..
Се истрча кругот, задутре се гласа. Што очекувате?
-Најпрво да бидат фер и демократски. Се надевам дека народот ќе се одважи и масовно ќе излезе да гласа и според своја волја, да гласаат за оној во кој имаат најмногу доверба, за оној чија програма е најдобра за граѓаните. И, секако очекуваме, се надеваме на успех.
Колку Вам како жена ви е тешко да ги издржите политичките ангажмани на сопругот, особено ви пречи ли што поради тие ангажмани не е дома?
-Да бидам искрена не беше лесно, целиот тој процес од локалните избори па наваму. Тешко и за мене и за целото семејство, за децата, но со силна верба и поддршка издржавме. Се надевам дека сето ова ќе биде за добро за сите семејства во Македонија.
Како се случи да заплива во политичките води, па и Вие задно со него?
-Хахахах… Тоа беше многу одамна, имав 18 години кога како дечко и девојка заедно се зачленивме во партија, во подмладокот на СДСМ. Можеби не активна како него, но бев поддржувач. Неговата политичка кариера ја поддржував од почетокот. Но секако, мојата политичка кариера застана, не може двајцата подеднакво заедно да одат. Јас се посветив на мојата проесија, како одделенски наставник, а подоцна и магистрирав на Филозовскиот факултет. Сега сум наставник од прво до петто одделение. Така што, се дистанцирав во име на семејството и на децата, но секогаш сум му била поддршка на сопругот. Упатена сум во сѐ што се случува, го следам на некој чекор. Сега поради работата не сум во можност да бидам, но за викенд сум со него во кампањата.
Како реагиравте кога Ви рече дека ќе се кандидира за претседател?
-Во почетокот немаше таква идеја, но според мислење на сопартијците врз база на сите анкети, се виде дека луѓето имаат голема доверба во него, дека ќе успее да направи повеќе за државата, дека треба да се кандидира. Дома имавме семеен состанок и се сложивме сите дека ќе го поддржиме.
Како почна вашата приказна?
-Јас бев матурантка, а тој требаше да оди во војска. Се запознавме во кафуле и како што и тој често кажува, веднаш ми рече – јас кога ќе дојдам од војска ти ќе ми бидеш девојка. Хахаххаа… Јас на почетокот не верував, мислев дека нема тука ништо сериозно. Но, толку беше упорен, што на првото отсуство од војска ја почнавме врската. Подоцна, за среќа, тој доби прекоманда во Куманово и од тука почна нашата љубов. Бевме пет години во врска, а веќе скоро 24 години сме во брак. Јас имав 23, а тој 24 години кога стапивме во брак. Речиси и да израснавме заедно. Во тоа време, нели, беше нормално веднаш по факултет да се мажиш. Ете и јас веднаш по дипломирање се омажив и еве сега имаме три деца, имаме семејство, кое трае веќе 24 година. Немаше класично запросување, како денес тоа што се прави. По пет години врска, постојано бевме заедно, тој кај мене, јас кај него, на одмор одевме заедно и тој еден ден рече – а што мислиш ние да си се земеме? Хахха. Јас реков-ајде! Така беше. Потоа кажавме дома, се веривме во март и на 10 јуни 2000 година направиме голема свадба со сите традиционални обичаи. Догодина ќе направиме сребрена свадба. Тој е темпераментен и упорен. Навистина упорен до тврдоглавост, како што вели самиот.
Тешко е во денешно време да се задржи брак. Која е Вашата формула не само да го задржите, туку и да имате и среќен брак?
-Посебна формула нема. Љубовта е на прво место, а потоа е почитувањето и разбирањето, поддршката. Сето тоа во нашиот брак постои и денес, а тоа го забележуваат и децата. Често знаат да кажат- мамо се однесувате како тинејџери. Хахаха… Тоа е формула за успешен брак. Често се консултира со мене, бара мое мислење. Знае дека јас сум искрена, кога е добар да го пофалам, а кога треба да се критикува го критикувам.
Ја носи ли работата дома?
-Да. Тоа со децата му го префрламе. Често знаеме да му речеме дека кога е дома барем телефонот да го заборави. Но, тој е таков, додека не одговори на сите повици и пораки не легнува. Фокусиран е и за секој проблем е подготвен да одговори. Ни недостасува слободно време, но ете имаме разбирање и за тоа.
Колку знае да помага дома?
-Искрено сега нема време за ништо, набавки, пазари, ручек сега веќе е само на мене. Порано да, заедно пазаревме, на децата им правеше некој специјалитет, знаеше да помогне кога правиме генералка. А сега се гледаме само навечер и наутро, пред да одиме на работа. Максим е духовит и позитивен. Не избувнува, не е нервозен. Сѐ тера на шега, особено кога е дома со децата. Сака да се развесели на убава песна.
Која ви е омилена песна?
-Тој ја сака „Бисер балкански“ а јас ја сакам од Каролина „Ако згрешам нека изгорам“ и овие песни задолжително ги пееме на семејните веселби, на слава. Наша слава е Пречиста Богородица, стара слава наследена од свекор ми, која пред три години ни ја предаде. Вечерта на заслугот се собираме кај родителите на Максим, а утре дента е кај нас дома, заедно со пријатели и роднини.
Колку е внимателен како сопруг? Памети ли важни датуми?
-Хаххах.. Искрено порано повеќе, имаше време за тоа. Роденденот ми го памети, а датумот од свадбата е лесен и затоа не го заборава. На 10 јуни ги распуштаат децата и по тоа знае. Хаха.. Порано ме изненадуваше и со подарок и со цвеќе, а сега таа обврска ја префрли на ќерка ми. Ќерка ми има обврска за мама да купува подароци и цвеќе и за роденден и за годишница и за „8 Март“. Се нема случено до денес да заборави, но ако се случи и за тоа ќе имам разбирање.
Тешко ли е во денешно време да се воспитуваат децата? Какво е вашето искуство, цел работен век сте во образование?
-Се вработив 2003 година, постариот син Милан веќе беше роден. За мене не беше тешко, веројатно дека си ја сакам професијата. Со мерак ги чував децата. Малку бев и себична, не сакав да ги запишувам во градинка, јас си ги чував, секако со помош на бабите. Им бев многу посветена, работев со нив уште од мали. Таков ми е и карактерот, имам трпение. На децата мора да им посветиш внимание. Да играш со нив, да пишуваш и да ги сослушаш и тоа не само кога се мали, туку и денес, кога пораснаа. Денешните родители се презафатени, а тој недостаток на внимание се одразува и на децата. Јас имав трпение и љубов, со мерак ги чував. Мислев како што јас можам да ги заштитам никој не може да ги заштити. И ги учев на вистинските вредности, зашто сѐ потекнува од семејството. Децата од мали нозе треба да знаат да почитуваат, кога ќе згрешат да се извинат, да знаат да се заблагодарат, да пружат рака ако треба помош, да помогнат на возрасни луѓе на улица, да немаат лоши навики во друштво. Мислам дека ако тоа на време се почне подоцна има резултат. Децата се воспитуваат до 7-8 години, потоа е доцна. Тргнуваат на училиште и таму веќе е друга средина. Не е лесно, сето тоа бара време, трпение и разбирање, да учат од грешките, да ги советуваш… Сето тоа треба да се научи од мали нозе, кога им се формира карактерот.
Колку наоѓате време лично за себе?
-Ако си добро организиран си наоѓаш време и за себе и за кафе со пријателки, за шопинг, а наоѓам време и за фитнес и за пешачење. Јас сум темпераментна и наоѓам време, имам енергија. Во салони за убавина ретко одам бидејќи третманите дома сама си ги правам. Сама си правам маски за лице, за коса, а можеби кај мене и генетиката си игра улога. Сепак, годините си се години. Јас се трудам да внимавам колку можам. Имам една утринска рутина. Прво пијам вода или чај со лимон, потоа кафе, а потоа смути. Кога Максим е тука, правам и за него. Тоа е замена за оброк и држи до ручек. Максим нема време за себе и затоа задолжително гледам и кај него да го правам тоа. Порано имавме обичај сите заедно да ручаме, а сега за жал, јадеме кој како ќе стаса. Иако гледаме барем еднаш неделно да се собереме за ручек.
Кој е задолжен за утринското кафе?
-Знае да направи кафе, особено за викенди. Но, претежно јас сум задолжена. Додека тој се подготвува јас веќе ѓезвето го имам ставено. Кога јас имам некои обврски, тој знае и салата да направи, да помогне. Сега целото семејство сме заедно само за викенд, поголемиот син е во Скопје, доаѓа секој петок, ќерката студира во Скопје, но патува секој ден, а малиот е со нас, во Куманово е средно школо. Сакавме со Максим да имаме три деца. Максим често знае да каже дека третото дете тој го планирал. Хахха.. Но, тој е најчуван од сите, милениче ни е. Сите го галеа и баби и брат му и сеста му. Децата ни се на три години разлика и сите се родени во лето. Хахахх…
А за касата кај Вас ли е?
-Хахахха… Јас сум семејната каса. Јас сум таа што води ред и за сметки, за трошоци, пазарење, за деца. Тешко е, особено кога имаш студенти. Големиот син веќе работи, а за сѐ друго јас морам. Морам да имам кога ќе речат – мамо дај некој денар. Жената, секако дека е столб на куќата. Посебно во ситуцијата во која ние се наоѓаме и обврските што ги има Максим. Јас сум за сѐ, храна, облека, деца, пазарење. Не џабе велат дека жената е столб на семејството.
Знае ли сопругот да ви најде маана во облекувањето и кој се грижи за неговиот стил на облекување?
-За облеката јас се грижам. Кога одиме заедно бара мислење, особено за вратоврските. Мене досега не ми нашол маана иако знам во некои прилики да го прашам. Некогаш мора да си жртва. Јас еднаш неделно пеглам кошули за цела недела, вратоврските се наредени и Максим само одбира комбинации.
После 24 години задоволни ли сте од сѐ, со оглед на тоа што сте се омажиле млада?
-Секако дека сум задоволна. Во наше време на 23 години да се мажиш беше нормално. На 24 првпат станав мајка, а Димитар е роден кога имав 30 години. За тоа време не бев премлада иако сега таа граница е поместена. Фала му на Бога сум презадоволна. Посакувам сите да имаат вакво семејство, здраво пред сѐ. Тип сум кој остава на времето да биде тоа што треба да биде. Љубовта и почитувањето го прават бракот траен. За тоа мислам дека годините немаат граница, независно дали си млад или во зрели години. Пред неколку месеци родителите на Максим правеа златна свадба. Тоа беше навистина едно убаво чувство. Сите да го доживееме тоа со деца, со внуци. Само здравје да има.
Подготвени ли сте за промена, да го напуштите домот и да се преселите на Водно?
-Да бидам искрена.. не знам. На кого му се остава својот дом. Ќерка ми вели мора ли, ние дома ќе си останеме. Но, тоа не е приоритет, поважни се други работи во целата ситуација. Сепак, да видиме како ќе се одвиваат работите. Најважно е да сме сите живи и здрави и да живееме во поубава и посредена држава…
Весна Миленковска
Фото: Вангел Тануровски