Пилот проектот во одделението за Управни работи Куманово функционира тековно и е поедноставен начин за процесот за фотографирање и издавање лични документи за граѓаните, оцени денеска министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски. Во изјавата за медиумите во Куманово, тој нагласи дека заедно со дополнителниот заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски, го тестираа пилот проектот со кој се поедноставува постапката на пристапување на граѓаните кон издавање на патни исправи, отпочнување на процесот со закажување, фотографирање и подигнување на патните исправи.
– Можам да кажам дека првично од она што го видов сум задоволен како функционира овде во Куманово соработката којашто ја имавме досега и се надевам дека овој пилот-проект ќе може да го спроведеме во иднина, како системско решение кое би требало да го олесни процесот на спроведување на целокупната постапка поврзана со личните документи, рече Тошковски.
Објаснувајќи го процесот, кажа дека граѓаните подигаат бројче за услуга, преку мониторите се известени кога треба да пристапат до шалтерите каде ја добиваат бараната услуга. Според него, се регулира метежот.
– Она што го правиме, месец, месец и половина, целта ни е на еден достоинствен начин колку што можеме да го олесниме процесот на издавање лични документи, рече Тошковски. Куманово е одбрано како општина за старт на пилот-проектот, бидејќи бројките во градот не се мали, нагласувајќи дека станува збор за просечно 500 луѓе кои се фотографираат на дневно ниво, но и дека нема навалица како во Скопје.
Тој се заблагодари на МИОА, чиј предлог бил за реализација на овој проект и кажа дека конечно и друга институција покрај, МВР придонесува процесот да биде подостоинствен за граѓаните. За него начинот на издавање на документи „прв дојден, прв услужен“ е хаотичен.
– Сега гледаме како функционира затоа и кажавме дека е и пилот-проект, мислам дека прв додјен прв услужен како процес е хаотичен кога имате 2.100.000 документи, лични кои треба да се издадат на „тесно грло“ наречено Министерството за внатрешни работи. И да, мислам дека е голем проблем ама требало да мисли некој друг, претходно. Она коешто ние сега можеме да го направиме како решение е на еден достоинствен начин, во рамки на систем да се обидеме да го регулираме овој процес и ќе сториме сè што можеме да сториме за да граѓаните достоинствено си ги обезбедат личните документи. Факт е дека има разлика, кажа Тошковски.
Процесот во Куманово го оцени како соодветен и најави дека ќе почека за да се видат резултатите, бидејќи денеска е прв ден.
– Културно беше тоа што можев да го видам, луѓето земаат ливче се упатуваат кон шалтерот нема метеж. Оној хаос што го имаше во ПС „Пролет“ се сеќавате, 5.000 луѓе пред врата, а внатре на дневна основа фотографираат 300, овде го нема, кажа Тошковски.
Тој додаде дека сега се работи врз основа на принцип на правичност за да се одвива процесот и врз основ на принцип оној којшто закажал термин да добие термин во соодветен временски интервал.
– Приближно бројката на термини коишто треба да пристапат во нареден период, ги имаме како термини коишто се закажани од веб страницата е негде околу 300.000, нешто помалку. Верувајте ми кога станува збор за бројка од 300.000 термини, можеби еден човек за повеќе термини, за возачка, лична, за патна исправа, реално е тешко да се справиме на најправичен и најправеден начин за граѓаните, меѓутоа даваме сѐ она што можеме да го дадеме како време и максимален придонес од наша страна и гледаме тоа да е врз основа на принцип на правичност и праведност, изјави Тошковски.
Тој најави дека во наредниот период, за разлика како што рече од претходниот, ќе се прочистуваат листите од аспект на закажани термини. Засега се прави на недела дена, а понекогаш и на дневна основа. Оние коишто се предмислиле и наместо од редовна пристапиле кон итна постапка за вадење документ, максимално се користат слободните термини за поефикасно спроведување на процесот.
-Но, 300.000 термини ќе се сложите е несекојдневна бројка. Тие сè што ги имаме евидентирано и закажано кои ќе следат да можат луѓето да бидат фотографирани, рече Тошковски.
Тој повтори дека бројката просечно во Куманово е 500, се фотографираат за лични документи, се работи од понеделник до петок, саботата е за друга потребна документација да се среди и граѓаните да добијат документ. Во однос на техничките и човековите ресурси, бројката според Тошковски, е доволна.
Тој реагираше и за поништените наредби.
– Целокупното поведение на колективно тело наречено Влада на Република Македонија од почетокот на ова техничка Влада во најмала мера е чудно за сите како за граѓаните, така и за институциите, а јас слободно може да кажам дека е крајно незаконито и скандалозно. Ја знаете сите одлуката во однос на СВР Тетово каква беше без никакво образложение, ги знаете одлуките во однос на претходните акти коишто беа потпишувани, а сега е најскандалозно зошто, затоа што Владата се дрзна да поништи наредба којашто јас сум ја издал на колешка во Министерството за внатрешни работи за да го турка процесот на фотографирање. Замислете, замислете сега наредба на колешка којашто на доброволна основа сака да помогне има искуство госпоѓата во делот на спроведување на овој процес, на доброволна основа, а повторувам сака да помогне да се отвори пунктот во Ново Село да функционира како што треба, за граѓаните да може да бидат фотографирани таму и Владата ја поништува одлуката. Замислете за наредба зборувам, никогаш претходно не се случило во претходни мандати наредби да поништуваат. Како не им е срам, како не им е срам па уште одозгора два потписа, три потписа. Ај што се тотално неинформирани, правно непотковани, уште и дрски да зборуваат за формалности и формални недостатоци, како не им е срам немам што друг да додадам на таа тема, изјави Тошковски.
Одговарајќи на новинарски прашања дека граѓани реагирале, бидејќи дел од вработените од исламска вероисповед ги напуштиле порано работните места заради ифтар, Тошковски кажа дека процесот ќе се реорганизира во интерес и на институцијата, но и за потребите на вработените.
– Ова првпат го добивам како информација ќе се реорганизираме сѐ со цел да може да функционира институцијата како што треба. Секако дека треба да се почитуваат сите права на вработените од која било верска припадност, не сакам да бидам сфатен во погрешна насока, но секако дека треба да функционира институцијата. Ова го немав како информација, ќе најдеме начин како да се реорганизираме за да оди процесот достоинствено, како што и сакаме сите ние. Ова го праивме во интерес на нашите граѓани, на вашите пријатели, соседи, сограѓани итн., рече Тошковски.
Министерот за внатрешни работи во техничката Влада рече дека еден од наредните чекори ќе биде и информирање на граѓаните за готова лична карта, но дека можностите и техничките капацитетите се ограничени.
– Тоа ќе биде еден од наредните чекори коишто ќе ги направиме се со цел да граѓаните бидат информирани за тоа дека личната карта им е готова и им е дадена во соодветна полициска станица, кога говориме за Скопје. Верувајте ми дека капацитетите се тие, можностите се тие, моментално се уше имаме еден скенер, врз основа на којшто влечеме податоци за да може да се влезе во систем да бидат информирани граѓаните, така што правиме сè што е возможно да се направи да целиот процес биде подостапен за граѓаните, подостоинствен но наеднаш се не можеме да направивме, а ова не е процес, јас многу често се обидувам да зборувам на наједноставен начин, но ова не е едноставен, ама не ни научна фантастика која треба да ја измислиме, но со посветеност со работа, чекор по чекор ќе го нормализираме, изјави тој.