Од денеска студентите ќе имаат можност парите што државата им ги исплатува за студентскиот оброк да ги добиваат неделно со што Министерството за образование (МОН) го оствари ветувањето дека ќе им излезат во пресрет на студентите на чија иницијатива беше направена законска измена најдоцна во вториот семестар.
Претходно, МОН парите за студентскиот оброк ги исплатуваше дневно, но Универзитетското студентско собрание на Униврзитетот „Свети Кирил и Методиј“ ( УКИМ) побара измена кон крајот на минатата година на средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, а со цел подобро да можат да ги искористат субвенциите од државата.
Според студентите исплатата на субвенциите е подобро да се врши неделно затоа што ако студентот во текот на денот не ги потрошеше парите за оброк или за да купува во маркет, тие пари 140 денари не можеше да ги искористи наредниот ден.
Со 74 гласа „за“ и ниту еден против пратениците денес ги усвоија Законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк според кој средствата наместо на дневно ќе се исплаќаат на неделно ниво. Оваа измена ќе биде во сила од 01.03.2024, објавија на Инстаграм од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) кои се подносители на иницијативата за измени на Законот.
Инку, право на субвенциониран оброк имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државните и приватните универзитети. За да добијат оброк, студентите треба да не се во редовен работен однос, да не извршуваат дејност регистриран земјоделец и да немаат месечни приходи повисоки од минималната плата.
Пратениците на почетокот на овој месец ги изгласаа измените на Законот за субвенциониран студентски оброк и еве што предвидуваат тие: доколку студентот не го искористи правото на субвенционирање на оброк во некој од работните денови, износот му останува достапен за користење на сметката до крајот на тековната седмица, заклучно со ден сабота.
Тоа значи дека субвенционираниот оброк ќе може да се користи на неделна основа, односно сите средства што студентот нема да ги искористи од понеделник до петок, ќе може да ги искористи најдоцна до сабота истата седмица.
Така оваа бенефиција овозможува ако студентот не ги искористи средствата во работните денови, на првиот ден од викендот, сабота на својата специјализирана картичка на располагање ќе има вкупно 840 денари. Доколку овие пари не ги потроши во сабота, во недела или понеделник следната седмица нема да може да ги користи.
„Средствата се исплаќаат дневно, но доколку не ги трошите, ќе се собираат на вашите сметки заклучно со сабота. Во сабота располагате со 840 денари. Доколку во сабота не се искористат средствата, нема да ви бидат достапни. Оние студенти кои сакаат средствата да ги трошат неделно, потребно е првите пет дена да не го трошат оброкот од носењето на измените и потоа да си пазарат од сабота до сабота”, велат од Универзитетското студентско собрание( УСС УКИМ).
Според Министерството за образование околу 30 илјади студенти ја користат мерката субвенциониран студентски оброк кои досега на дневна основа добиваа по 140 денари за 6 дена во неделата и тоа за 9 месеци во годината.
Оваа мерка беше регулирано со законско решение кое минатата година во текот на месец април исто така преку претставниците на универзитетските студентски собранија, беше изменето.
Студентите до тогаш добиваа по 120 денари дневно, а исплатата се одвиваше еднократно секој месец. Во Министерството за образование велат дека секогаш се отворени за нови системски решенија и мерки за да можат студентите непречено да се посветат на своите обврски и задачи.