Извршното собрание на Алијансата на Албанците според статутот има право да донесе одлука за разрешување и доверба на претседателот, истакна денеска претседателот на партиското собрание на Алијанса на Албанците Зијадин Села пред почетокот на извршното собранието на партијата прашан дали ќе се разговара за одговорност на претседателот Арбен Таравари.
Потенцираше дека членовите на извршното собрание се тие кои според статутот на партијата ја имаат одговорноста да одлучуваат и нагласи дека поканети се сите членови на централното Собрание, вклучувајќи го и Таравари.
-Секој член на централното собрание одлучува за партијата и за одлуките кои треба да се донесат во партијата. Ова е органот каде се носат конечни одлуки и тоа се очекува денес, истакна Села.
Во поканата за денешниот состанок, како прва точка на дневен ред е извештајот на претседателот на партијата околу политичките случувања во врска со наредните претседателски и парламентарни избори, а втората точка е разгледување на одлуката на Претседателството на партијата од 21 октомври минатата година, околу настапот на партијата на парламентарните избори.