И покрај постојаните апели од Центарот за управување со кризи да не се палат треви и грмушки, сепак, пожарите и во вакво зимско време не престануваат, а жртвите кои страдаат се зголемуваат. Денес ЦУК јави за уште една жртва од пожар и тоа во запалена штала во селото Оџаклија, општина Карбиници. Информациите кои доагаат од регионалниот ЦУК Штип се застрашувачки, бидејќи жртвата изгорела до степен на непрепознатливност.
-По добиената информација за пожар на единствениот повикувачки број 112 во ЦУК за запалена штала околу пладне и интервенцијата на пожарникарите, добиено е известување дека едно лице настрадало при тој пожар во село Оџалија во општина Карбинци. Настраданиот бил пронајден внатре во шталата, каде што најверојатно првин се задушил од чадот, а потоа и изгорел во пожарот до степен на непрепознатливост на идентитет и возраст“, извести ЦУК и додаваат дека територијалната противпожарна едница Штип и припадници на МВР од СВР Штип вршат увид за причините на настанатиот пожар.
Според ЦУК ова е трето лице што настрадало од пожар за едно деноноќие.
-ЦУК рано утрово извести дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од ТППЕ Ранковце пронашле настрадано повозрасно лице при гаснењето пожар на отворено сношти при интервенција од 20.30 до 00.10 часот во атарот на село Псача. Потоа имаше второ известување за настрадано лице при услови на пожар кога пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Македонска Каменица денеска во периодот од 7.20 до 10.35 часот интервенирале на пожар на запалена куќа во село Косевица во месноста Реката,се вели во информацијата.