Шеесет и осум годишен жител на село Одрено, Општина Ранковце, вчера починал во пожар на сува трева што самиот го запалил заради расчистување на нива, потврдија денеска за МИА од МВР.
– На 6 февруари 2024 година во 19 часот и 40 минути во полициското одделение Ранковце било пријавено дека во опожарена нива во село Одрено, општина Ранковце, бил пронајден починат шеесет и осум годишениот Д.С. од истото село. Лекар од Итна медицинска помош констатирал дека смртта настапила како последица на изгореници на телото и главата и на телото немало траги на насилство, информира портпаролот на Секторот за внатрешни работи, Куманово.
Според пријавеното во МВР, околу 12 часот тој излегол од домот да пали сува трева на неговата нива, по што немал контакт со семејството.
Екипа од ОВР Крива Паланка извршила увид, а по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на семејството.
Од Територијалната противпожарна единица Ранковце потврдија дека вршеле интервенција на местото на пожарот, во атарот помеѓу селата Одредби и Псача, каде зафатени биле околу пет декари сува трева и овошни дрвца.
Оттаму упатија апел до граѓаните да бидат крајно внимателни при расчистувањето на нивите и потсетуваат да не се палат стрништа.