„Шокирани сме од нивото на примитивизмот на ДУИ, прикажан со насилството врз дел од вработените Албанци врз вработени во контролата на летовите на М-НАВ. Покрај екстремниот непотизам и партизација на државните институции, континуираниот притисок врз вработените во администрацијата да учествуваат на состаноци на ДУИ, нарушувањето на достоинството на овие лица, ДУИ веќе почна да врши физичко насилство врз нив“, реагираше Европскиот сојуз за промени нарекувајќи го „хулигански“ денешниот упад без преседан во Контролата за летање.
Албанската опозиција бара МВР и Јавното обвинителство да истражат како директорот на М-НАВ дозволил влез на невработени лица.
Демократскиот сојуз бара на вонредна седница Владата да ја разреши управата на М-НАВ.
„За да се спречат можни катастрофални последици бараме Владата да одржи вонредна седница и да ги разреши актуелните партиски директори на М-НАВ и на нивно место да именува експерти од редот на вработените во М-НАВ. Го повикуваме раководството на МВР, да преземе најитни мерки против тие што упаднале во објект на М-НАВ, како и против тие што го организирале упадот и нападот на контролорите на летање, повикуваат од Демократскиот сојуз.
Граѓаните на социјалните мрежи се лути и бесни по упадот во Контролата на летање со пршање дали ова не треба да се третира како тероризам.
Телевизиите Телма и Алсат објавија дека во нападот учествувале полицаец од Тетово, лице осудено за кривично дело, додека акцијата ја раководел претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир Беким Незири, кој е и поранешен министер за економија.
Засега нема ниту една реакција од партите на власт – ДУИ и СДСМ.