Леонтина, Михаил, Теодор и Ведран наполнија два месеци, а мама Благица и тато Александар веќе ги подготвуваат за пречек на Нова Година, кога со бакнежи и најубави желби ќе зачекорат во новото лето.
Во домот на Благица и Александар за првпат љубовта е комплетна.
-Да, да, во нашиот дом сме среќни и радосни со нашите мали сонца. Конечно сме комплетни после четири години, рече за ММС Благица.
Поминаа два месеци откако се роди штипската четворка, два месеци откако Леонтина, Теодор, Михаил и Ведран го израдуваа семејството Зикови од Штип. Домот е подреден на нивните потреби и како што вели среќната мајка, сѐ е подредено на нивниот ред.
-Најгласна е момата Леонтина, најмирен е Михаил,спанко е Теодор, а најмногу се лути Ведран. Се навикнавме веќе дома, тие се навикнаа на нас, а ние на нив. Сега за сега не се многу захтевни, си ручкаат и спијат, понекогаш си бараат да се држиме во раце. Поставуваме заедно со сопругот, се разбира имаме и помош од семејството, од тетки, баби, дедовци, вујковци… Си стекнавме веќе навики да се храниме на три часа, си менуваме пелени. Тука сме и кога спијат, си играме зависно од нив што си бараат. Сѐ е подредено на нивните желби, вели Благица.
Семејството Зикови доби и плац за изградба на куќа. Плацот е подарок од Општина Штип. На нив останува да одлучат за изградба на куќата.
-Да, добивме плац од градоначалникот, многу сме му благодарни. Но, сега за сега немаме ништо во план. Сѐ зависи од финансиите, зависи како ќе стоиме финансиски во иднина. Навистина не знам. Сега сме само на една плата, на платата од сопругот. Но, на оваа денешница сѐ е многу скапо. А децата си имаат свои потреби од пелени, храна, облека и сѐ она што е потребно за нив. Нивните потреби ни се приоритет, рече за ММС Благица.
(В.М.)