Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска оцени дека е „срам за човештвото што толку многу славни земји со врзани раце ги гледаат варварските напади на Израел засновани на масакри и грабежи“, јавува Анадолија..
Говорејќи на церемонијата на доделување на претседателските награди за култура и уметност во Анкара, Ердоган рече дека „историјата соодветно ќе ги суди одговорните за предизвикување на оваа одвратна слика, оние кои се обидоа да ја легитимизираат и оние кои замижуваат пред неа“.
– 2024 година, ако даде Господ, ќе биде година во која насилниците ќе бидат казнети онака како што заслужуваат, а угнетените ќе си ги залечат раните, рече Ердоган.
Најмалку 19.667 Палестинци, главно жени и деца, се убиени, а 52.586 се повредени во израелските воздушни и копнени напади врз Појасот Газа од нападот на Хамас на 7 октомври. Тогаш, милитантите на исламистичкиот Хамас изненадувачки упаднаа во Израел и во масакри и ракетни напади убија над 1.200 луѓе и зедоа околу 240 заложници.
Војната го остави Појасот Газа во урнатини, со половина од станбениот фонд на крајбрежната територија оштетен или уништен, а околу два милиони луѓе се раселени во густо населената енклава.