Со помош на камери поставени на антените на телекомуникациски оператор на 10 локации во земјава, Државниот инспекторат за земјоделство ќе го контролира и санкционира палањето стрништва во земјава.
Проектот кој стартува деновиве како пилот проект, го најави Јане Станкоски, директор на инспекторатот.
– Склучивме договор со кој што на 10 локации во нашата држава на антените на операторот имаме камери со зум од 10 километри, со кои што можеме да ги видиме и да ги санкционираме земјоделците кои што ги палат своите стрништа. Овие камери се сензитивни на чад и нашите инспектори преку порака на СМС или е-mail се алармираат дека на тие локации каде што е камерата поставена има пожар. Потоа заедно со службите на противпожарната и полицијата одиме на лице место и ги пронаоѓаме сторителите или реагираме да се спречи пожарот и да нема поголеми проблеми – објаснува Станкоски.
Палењето на стрништа е сериозен проблем во земјава и само од почетокот на годината до сега се направени 114 записници за ова казнено дело, но откриени се само четири сторители. Токму камерите со голем зум ќе помогнат не само во навременото откривање и спречување на пожарите, туку и во санкционирање на сторителите и нивно казнување.
– Ова е проблем особено во Кочанскиот регион, во Пелагонискиот регион и во Тетовското поле каде има житни култури. Нашите земјоделци имаат некоја традиција и мислат дека ако го запалат стрништето, полесно ќе го обработуваат понатаму. Тоа е грешка и ние се обидуваме да ги едуцираме – вели Станкоски.
Се работи за пилот проект со кој од Инспекторатот се надеваат дека од наредната година ќе биде опфатена целата држава.
– Ова е една модерна технологија која што сигурно ќе придонесе како за нас, така и за противпожарната служба и за службата за интервенции. Ова е нешто што го има секаде ва светот и ние се приклучуваме на таа модерна технологија – вели Станкоски.